1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови пораки на СПЦ до МПЦ

Горан Петрески3 август 2006

Српската православна црква го искористи Илинден како повод да и испрати нова порака на Македонската православна црква. Преку владиката Пахомије,СПЦ повика Синодот на МПЦ да го прифати Нишкиот договор за да се надмине спорот меѓу двете цркви.

https://p.dw.com/p/Adcy
Фотографија: AP

Спогодбата од Ниш од пред четири години, што дел од македонските владици прво ја потпишаа, но потоа под притисок на македонската јавност ја отфрлија, предвидува МПЦ да добие афтокефалност, но да се откаже од името. Вчера владиката Пахомије пред портите на манастирот Прохор Пчински, кој поради црковниот спор и годинава беше недостапен за македонската државна делегација таму да го одбележи АСНОМ, кажа:

“Можат да се викаат како сакаат, можат да се прогласат и за Вселенска црква, но тоа никој не го признава. Затоа прифатете го ова што го имате, што го признаваат сите. Никој не ја чепка нивната нација, нивната самостојност и автономија, ниту некој ќе се меша, но мора да се вклучат во православните текови. “

МПЦ е подготвена за компромис, но не и за отстапки што се однесуваат на нејзиното име и статус, им порача на можните посредници во спорот, поглаварот на Македонсата православна црква, г.г. Стефан во една пригода:

“Посредникот да ги признава и двете страни, да ги почитува желбите и барањата и на двете страни и конкретно кога е во прашање МПЦ – оној што посредува тој мора да биде начисто и со името на МПЦ, и со статусот на МПЦ, со јурисдикцијата на МПЦ, инаку тоа не би бил вистински посредувач, туку би бил навивач на едната страна. “

Двете цркви водат спор со години. Српската бара македонската да се откаже од името и преку канонско единство со неја да го најде своето место во православието. Односите се речиси целосно замрзнати откако владиката Јован се одметна во редовите на српската црква и во Македонија ја формираше Охридската архиепископија. Македонската држава го осуди на затворска казна поради финансиски малверзации во раководењето со Велешката епархија. За разлика од претходните години кога Вранишковски за Илинден беше меѓу српските владици, тој вчера не се појави во манастирот Прохор Пчински. Македонија го бара со потерница оти не се јави во затвор минатата недела како што беше предвидено. Вранишковски преку интернет порача дека тоа ќе го стори на осми август.