Новиот шеф на Светска Банка е лекар
17 април 2012Џим Јонг Ким е роден во 1959. година во јужнокорејскиот главен град Сеул. Неговите родители емигрирале во САД кога тој имал пет години. Неговиот татко било заболекар, а мајка му доктор по филозофија. Ким е оженет и има две деца. Американскиот претседател Барак Обама го номинираше академикот Ким за претседател на Светска Банка пред три недели и тоа на општо изненадување.
„Време е експерт за развој да ја предводи најголемата институција за поттикнување на развојот. За оваа функција никој нема подобри квалификации од д-р Џим Ким“, истакна Обама.
52-годишниот Ким има две докторски титули. Тој е доктор по медицински науки и по антропологија. Во моментов е декан на елитниот универзитет Дартмут, во северната американска сојузна држава Њу Хемпшир. Ким не е стручњак за финансии, па сепак ќе биде иден шеф на Светска Банка, ќе одлучува за кредитите и за гаранциите во милијарди за сиромашните земји.
Со децении активен во развојната политика
Ким ги отфрла критиките дека не е добро решение за функцијата, бидејќи не е финансиски експерт: „Економскиот развој и борбата против сиромаштијата се многу комплексни теми. Знаењето на една дисциплина не е доволно да се совлада оваа комплексна област“, аргументира Ким. Тој за американскиот весник „Њујорк Тајмас“ изјави дека Светска Банка има многу екстремно искусни економисти и додаде: „Едвај чекам да почнам да соработувам со нив“.
На полето на развојната политика Ким е активен со децении. „Цел живот се обидувам да ги решам социјалните проблеми во светот“, вели тој. Уште како студент по медицина на елитниот универзитет Харвард, Ким со други студенти во 1987. година ја основа хуманитарната организација „Партнери за здравје“. Таа денес е активна во 12 земји и се залага за медицинска нега на сиромашните. Ким помагал во сузбивањето на туберкулозата. Оваа болест, поради недостатокот на пари за нејзино лекување, долго се задржа во сиромашните региони во светот.
Богата кариера
Во 2003. година Ким од функцијата извршен директор на организацијата „Партнери за здравје“, замина да работи за Светската здравствена организација. Таму беше одговорен за мерките за сузбивање на сидата. Од 1993. до 2009. година Ким на Харвард ја презеде катедрата за медицина, социјална медицина и човекови права. Во 2009. година стана прв Американец со азиско потекло кој ја презел функцијата декан на колеџот Дартмут кој се вбројува во т.н „Ivy League“ - група на најелитните високообразовни установи во САД.
Ким постојано ја критикуваше развојната политика и помошта на индустриските држави за сиромашните земји, истакнувајќи дека таа е недоволна. По номинацијата за претседател на Светска Банка тој истакна дека е важно да се поттикне економскиот раст во сиромашните земји, за да се создадат сопствени ресурси за инвестиции, но и за вложување во здравството и во образованието.