1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Новинари останаа без работа поради сајбер-мобинг

ЕМФ / дв
12 февруари 2019

Вербални напади, навредувачки фотомонтажи, порнографски гифови: медиумски работници во Франција во Фејсбук-група со години вознемирувале жени, им се потсмевале и навредувале. Сега сносат последици за тоа.

https://p.dw.com/p/3DCSc
Jugendlicher mit Smartphone
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Либерасион“ уште во петокот пишуваше за Фејсбук-групата „La Ligue du LOL“ формирана во 2009 година, во која, како што се тврди, биле активни околу 30 новинари, ПР-советници и луѓе од маркетингот од Париз. Сите се обвинети дека се договарале за сексистички напади и дека им се потсмевале на своите жртви и ги вознемирувале.

Весникот цитира голем број жени кои опишуваат како биле вознемирувани од членовите на групата „La Ligue du LOL“. „Повеќе години бевме активни на Твитер, јас и моите пријателки феминистки, а целта на овие мали париски типови беше да нѐ исмеваат“, рекла активистката Дарија Маркс. „Беше безмилосно, бев вознемирувана со навреди, фотомонтажи, анимирани гифови со порнографска содржина со мојата глава одозгора и со анонимни навредливи имејл-пораки“, ја цитира „Либерасион“ новинарката Нора Бузони.

Во текот на изминатиот викенд повеќе други жени исто така ги опишаа своите искуства на сајбер-мобинг жртви. Подкаст-продуцентката Мелани Ванга на социјалните мрежи пишуваше за сексистички и расистички вознемирувања кои ги трпела од „белите париски новинари“. Поранешната блогерка Капусин Пио соопшти дека „со години“ била цел на навредливи фото и видео монтажи на интернет. За нејзе, како млада жена, тоа било „многу тешко“.

Создадов „чудовиште“

Основачот на групата, новинарот Винсент Глад, во меѓувреме се извини на Твитер. „Не сфатив дека со нашите вицови ги замолчевме феминистичките зборови кога се појавија на мрежите во 2011 и 2012 година.“ Тој вели дека со основањето на групата создал „чудовиште“ над кое сосема ја загубил контролата. Глад тврди дека намерата била само забава, без да се сака да се вознемири кој било. Меѓутоа, тоа многу бргу станало проблематично.

Повеќе: Педесет милиони евра казни за ширење омраза на интернет

Во меѓувреме повеќе медиуми ја запреа својата соработка со членовите на групата „La Ligue du LOL“. Глад вчера беше суспендиран на своето работно место во „Либерасион“, исто како и онлајн-шефот на весникот, Александре Херво. „Брејн магазин“ исто така ја прекина својата соработка со Глад. На одмор е испратен и главниот уредник на магазинот за музика и култура „Les Inrockuptibles“, Давид Дусе.