1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова финансиска архитектура во светот

23 јуни 2010

Како подготовка на претстојните самити во Канада на Групите Г-8 и Г-20, германската влада одржа консултации со угледни експерти од специјално оформената група околу реформата на меѓународните финансиски пазари.

https://p.dw.com/p/O04K
Светските економски самити на Г-8 и Г-20 ќе се одржат во Канада

Новата финансиска архитектура во светот, според мислењата на експертската група раководена од поранешниот главен економист во Европската централна банка (ЕЦБ), Отмар Исинг, пред се‘ треба да биде помалку ризична. Светската заедница на Самитот на Групата Г-20 (26./27.6.) во Торонто треба да утврди правила, според кои банките за поризичните зделки ќе преземат и поголема одговорност, порача Исинг на средбата во кабинетот на канцеларката.

Државно обврзување на финансиските институти

Wirtschaftsexperte Ottmar Issing
Германскиот економски експерт Отмар ИсингФотографија: picture-alliance / dpa

Германската влада, во моментов, подготвува предлог-закон за данок за банките, односно државно обврзување на финансиските институти. Според Отмар Исинг, деталите се многу важни и потребен е: „...данок што ќе се определува според ризичноста на активностите на одделна банка. Тоа значи дека поризичните зделки ќе бидат оптоварени со поголеми давачки. Со тоа, пред се‘, сакаме да влијаеме врз однесувањето на банките и да го ограничиме ризичното работење, а со тоа и веројатноста дека ќе дојде до системски ризици.“

Канцеларката Ангела Меркел ги поздрави предлозите на експертите, чија долгорочна цел е самите банки да ги сносат трошоците за справување со можните финансиски кризи. Само така ќе бидат растоварени даночните обврзници и ќе се намалат долговите во јавниот буџет, рече канцеларката.

Меркел ги отфрли критиките за пакетот за штедење

USA Deutschland Angela Merkel bei Barack Obama in Washington
Обама предупредува од прекумерни мерки на штедењеФотографија: AP

За изјавите на претседателот на САД, Барак Обама, кој во писмото до индустриските земји предупредува од претерани мерки на штедење, оти тие може да го загрозат закрепнувањето на светскиот економски пораст, канцеларката Меркел рече дека штедењето не е штетно. Со тоа таа ги отфрли критиките за пакетот за штедење на нејзината влада во висина од 80 милијарди евра, кој неодамна беше усвоен: „Не станува збор за радикална програма за штедење. Имено, при постојан економски пораст не мора секогаш да се спроведуваат истите конјуктурни програми, кои се применувале дотогаш. Тоа е единствено важно.“

Сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле нагласи дека нема да се штеди на инвестиции кои ја поддржуваат конјуктурата. А на полето на социјалните системи, владата се обидува да даде поголем поттик за невработените побрзо да најдат нова работа, рече Шојбле: „Го спроведуваме она што во меѓународни рамки со месеци е договорено како „егзит-стратегија“. Во 2011 година ќе започнеме со умерено редуцирање на превисоките јавни дефицити.“

За ваквиот економски курс канцеларката Меркел и министерот за финансии Шојбле добија поддршка од групата експерти.

Автор: Рихард Фукс / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска