1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова Студена војна во Венецуела?

Александер Буш
14 февруари 2019

САД и Русија се во судир поради превирањата во Венецуела. Додека двата традиционални ривали се борат за влијание, Кина тивко ја презема контролата врз регионот, смета Александер Буш.

https://p.dw.com/p/3DM9C
China Venezuela Xi bei Maduro
Фотографија: AFP/Getty Images/L. Ramirez

Во растечката криза во Венецуела, САД и Русија делуваат како да се враќаат на ривалството од Студената војна. Пред само неколку дена американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон одби да исклучи воена интервенција во латиноамериканската држава, изјавувајќи дека „сите опции се на маса“. Болтон исто така најави дека САД ќе ги замрзнат сите приходи генерирани од извозот на венецуеланската нафта.

И не само тоа. Според весникот „Њујорк Тајмс“, администрацијата на Трамп му дала на самопрогласениот в.д. претседател Хуан Гуаидо целосна контрола врз овие фондови.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, од друга страна, постојано предупредува против воена интервенција на САД во Венецуела. Претседателот Владимир Путин уште во декември минатата година нареди во Венецуела да се стационираат два суперсонични бомбардери.

Растечкото влијание на Кина

За разлика од САД и Русија, Кина зазема далеку поумерен став кон кризата во Венецуела. Нејзиното МНР ги повика приврзаниците на претседателот Николас Мадуро и на Гуаидо да ги смират тензиите. Оваа порака повеќе делува како соопштение на ОН, и притоа не ја открива долгата историја на кинеската поддршка на режимот во Венецуела. Во последните 10 години, Пекинг инвестираше повеќе од 60 милијарди долари во земјата, помагајќи му на Мадуро да ја задржи власта.
Ниту една друга земја во светот не добила толку кинески заеми како Венецуела- факт поради кој сега жалат кинеските лидери. Но сега, кога Венецуела е во центарот на вниманието станува јасно колку всушност Кина го зголеми своето влијание во регионот во последните 15 години. Ова, на некој начин, несакано внимание ја нарушува стратешката цел на Кина за тивко преземање на контролата врз Латинска Америка која повеќе од 200 години САД ја сметаат за свој двор.

Alexander Busch, Kolumne Tropiconomia bei DW Brasil
Александер БушФотографија: Paulo Fridman

Новите геополитички игри на моќ имаат непрегледни последици. Првично, Кина се обидуваше да обезбеди пристап до природните ресурси и енергијата во Латинска Америка. Денес, цела Латинска Америка е зависна од извоз на железна руда, соја, бакар и нафта во Кина. Кина инвестираше 150 милијарди долари во регионот, што ги надминува и нејзините инвестиции во Африка.

Кинеските конзорциуми купуваат фабрики, дистрибутивни мрежи и пристаништа на континентот. Кинезите градат пруги и слободни трговски зони, и инвестираат во производство на автомобили и дигитални платформи. А земјите од регионот лобираат и за повеќе. Чиле, Перу и Колумбија, кои излегуваат на Тихиот Океан, сакаат да станат центри за увозот од Кина и подготвени се да ја прилагодат и својата политика кон таа цел.

Политички отстапки кон Кина

Доминиканската Република, Ел Салвадор и Панама, на пример, минатата година ги прекинаа дипломатските односи со Тајван и градат поблиски односи со Кина. Пекинг го награди овој чекор со 20 големи инфраструктурни проекти во Панама, што може да биде сфатено како провокација во САД затоа што нивната регионална доминација зависи и од контролата врз Панамскиот канал.

Новиот левичарски мексикански претседател, Андрес Мануел Лопез Обрадор, најави дека и тој е отворен за кинески инвестиции. Заедно со Кина, тој се надева дека ќе отвори „Маршалов план за Централна Америка“ вреден 30 милијарди долари, со што ќе се финансираат инфраструктурни проекти, ќе се отворат работни места и ќе се запре миграцијата кон САД. Дури ни претседателот на САД, Доналд Трамп нема ништо против еден таков договор.

Александер Буш е новинар и писател кој известува од Латинска Америка повеќе од 25 години за повеќе весници на германски јазик. Буш пораснал во Венецуела, а во моментов живее во Бразил.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема