1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова порака на Осама Бин Ладен

24 април 2006

Арапската ТВ станица Ел Џазира вчера емитуваше тонска снимка во која Бин Ладен повторно зборува за војна на Западните крстоносци и на ционистите против муслиманскиот свет.

https://p.dw.com/p/Ac7C
Осама бин Ладен
Осама бин ЛаденФотографија: AP Graphics

„Најнов доказ за тоа е отфрлањето на движењето Хамаз, откако победи на изборите. Шеихот Ајман ел Завахири веќе предупреди да не се впуштаме со собирите на неверниците„ – порачува Осама бин Ладен и продолжува:

„Натамошни докази за војната што Западот ја води против исламот можат да се видат во Палестина, Ирак, Авганистан, Чеченија и Пакистан. Тие ни ги бомбардираат куќите, ни се смешкаат и ни велат дека не го напаѓаат исламот. Ние ги напаѓаме само терористите, сакаме дијалог и мирен соживот, наместо судир на културите, велат тие. Но, реалноста покажува дека западните политичари сакаат дијалог само затоа да не‘ прават будали и да добијат на време. Тие не сакаат примирје, туку сакаат само нашето оружје да молчи.„

Во оваа порака Осама Бин Ладен не повикува на нови атентати, но затоа индиректно посочува на граѓаните од западните земји како легитимни цели на напад, бидејќи тие ја одобруваат и поддржуваат војната што нивните влади ја водат против муслиманите. Доказ за неа лидерот на Ал Каеда гледа и во покраината Дарфур во Судан. Затоа тој ги повикува муџахедините и нивните помошници да се подготват на долгротрајна војна против западните крстоносци во Западен Судан.

Според експертот за прашања на тероризмот Диа Рашван од Ал Ахрам Центарот за политички студии во Каиро, моментот и содржината на најновата порака на Бин Ладен се мудро одбрани:

„Идеологијата на Ал Каеда е против демократски процеси и избори, дури и кога на нив учествуваат Хамас или Здружението на муслиманските браќа во Египет. Бин Ладен меѓутоа не го критикува Хамас директно за учеството на изборите, бидејќи тоа стана важен симбол на арапско-муслиманскиот свет за отпорот против Израел и Америка, против оние земји кои за Бин Ладен се најголемо отелотворување на ѓаволот.„

Доколку се потврди автентичноста на снимката ова би била прва порака на Бин Ладен по три месеца. САД имаат распишано награда за негово фаќање од цели 25 милиони долари.