1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова лидерска средба за изборите

Александар Чомовски8 јануари 2009

Премиерот Груевски во петок свика нова меѓулидерска средба. На неа партиските лидери треба да обезбедат политичко-етички гаранции за спроведување фер и демократски избори на пролет.

https://p.dw.com/p/GUXt
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: DW/MIA

Политичкиот дијалог меѓу главните партии застапени во парламентот е од клучна важност. Но, барањето решенија надвор од собраниската сала е сепак меч со две острици. „Решавањата и дијалогот по клучните прашања не се одвиваат во собранието, туку надвор од институциите на државата“. Ова предупредување од експертот Слаѓана Тасева не ги принудува шефовите на парламентарните групи дијалогот за законските норми околу спроведувањето на слободните и демократски избори да го одржуваат во институциите, пред се’ во парламентот.

Нов модел на гласање

На следната лидерска средба владата сака да го тестира расположението и за таканареченото „електронско гласање“ како европски модел што го сугерира ОБСЕ. Неговите бројни набљудувачи ќе бидат присутни и на мартовските избори. Некои од македонските весници денеска пишуваат дека претседавањето на Грција со ОБСЕ не исклучува и поригорозни, па и тенденциозни оценки на меѓународните набљудувачи, за да се дискредитира Македонија како недемократска земја и Атина да го дефокусира интересот на меѓународната јавност од спорот околу името.

Двоен тест на демократија

Следните претседателски и локални избори ќе бидат истовремени. Се очекува неделава да се усвои и уставниот амандман за 40 насто излезеност како услов во вториот круг да се избере идниот, најверојатно четврти претседател на државата. Еден од поранешните кандидати од 1994 година и ривал на тогаш избраниот претседател Киро Глигоров, Љубиша Георгиевски во телевизиски настап кажа: „Македонија до ден-денес нема легитимно избран претседател. Кон легитимитетот може да придонесе само строга контрола, силна политичка волја и партија на власт што ќе реши: нема повеќе фалсификат на избори, како што тоа ние го решивме и длабоко сум убеден дека ќе го спроведеме“, оцени Љубиша Георгиевски, член на партискиот врв на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Präsident des mazedonischen Parlament Ljubisa Georgievski in Tetovo
Поранешниот претседател на македонскиот парламент, Љубиша ГеоргиевскиФотографија: DW

Буџетски пари за партиско профилирање?

Во друго, предновогодишно телевизиско интервју, премиерот Груевски одговори на опозициските обвинувања дека владата со двојно зголемениот буџет за 2009 година, проектирала изборни и државни пари што ќе се трошат за локални инвестиции и патишта за да се добие довербата за градочалниците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нема врска, како да ви кажам... што можеме ние до изборите да направиме? За да се направи нешто треба да се објави тендер, што подразбира два и половина месеци процедури. Ние додека ги спроведеме тендерите ќе дојде март, а камоли потоа да има пет-шест месеци нешто да се направи. Што ако проектираме поголем буџет, што ќе ни помогне тоа за изборите, ако нема пари во буџетот“.

По претходните вонредни парламентарни избори летоска, партиите не ги открија изворите на финансирање и спонзорите за кампањата. Невладиниот сектор упорно бара отчет, за што и од каде се трошат повеќе пари од законскиот лимит за изборните кампањи. За организацијата „Транспаренси“ во Македонија тоа создава сомнеж дека изборите и финансирањето на партиите се дел од моделот за корупција и спрегите на бизнис заедницата со претходните или со идните владејачки гарнитури.