1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова владина коалиција, стари спорни точки

Јанис Пападимитриу / Симе Недевски21 јуни 2012

Во Атина беше запечатен договорот за нова владина коалиција. Андонис Самарас од Нова демократија положи заклетва за нов премиер на Грција. Во неговата коалиција меѓутоа набргу би можеле да настанат пукнатини.

https://p.dw.com/p/15Io5
Фотографија: Reuters

По положувањето заклетва вчеравечер (20.06), новиот премиер Андонис Самарас апелираше за поддршка: „Го молам грчкиот народ да покаже патриотизам, да остане единствен и да ми даде доверба за да можеме со божја помош што побргу да излеземе од кризата“.

Покрај неговата Нова Демократија, дел од новата владина коалиција се и социјалистичката партија ПАСОК, како и умерената левичарска партија Демократска Левица. Трите партии имаат широко мнозинство од 179 места во 300-члениот парламент во Атина , но и цела редица поделени мислења. 

Спор за реформите и доселувањето

  Различни погледи владејачките партии имаат околу мерките за приватизација и реформите на пазарот на труд, договорени со меѓународните доверители. Конзервативците ги поддржуваат, а кај левичарите наидуваат на отпор. Спор има и околу политиката на доселување. Демократската левица, имено, остро се спротивставува на намерите на Самарас да го повлече законот кој на мигрантите од втората генерација им го олеснува добивањето на грчко државјанство.

Koalitionsverhandlungen in Athen
Лидерите на Демократска Левица, Фотис Кувелис и на ПАСОК, Евангелос ВенизелосФотографија: Reuters

Ни ПАСОК, ниту Демократската левица, немаат намера да постават партиски членови на функции во новата влада. Коментаторите претпоставуваат дека пред се’ ПАСОК, кој во неделата го претрпе најтешкиот изборен пораз во партиската историја, сака да се држи настрана од поголема одговорност во владата. Пратеникот на ПАСОК и поранешен министер Никос Сифунакис меѓутоа го демантира тоа: „Во согласност со нашиот уставен поредок е партијата која била најсилна на изборите да ја носи и главната одговорност за владата“ изјави Сифунакис додавајќи: „Се разбира дека ПАСОК сака да придонесе за стабилноста на новата влада. Меѓутоа социјалистите имаат и уште една итна задача. Тие мора што е можно побргу да се реорганизираат и да ги повратат избирачите кои се свртеа кон радикалниот левичарски сојуз Сириза“.

Прв тест на силата во Брисел

Новата грчка влада значи ќе биде составена од високи партиски претставници на конзервативната Нова Демократија и од натпартиски економски експерти и тоа во финансискиот сектор. Нов министер за финансии треба да биде професорот по економија Василис Рапанос, кој воедно е и шеф на најголемата грчка кредитна институција - Националната банка на Грција. Негови заменици најверојатно ќе бидат актуелниот министер за финансии во преодната влада Јанис Заниас, како и Костас Стаикурас. Со оглед дека Рапанос се’ уште не е официјално назначен на функцијата, Заниас ќе ја претставува Грција на денешната средба со колегите од еврозоната.

Wahlen in Griechenland Alexis Tsipras
Алексис Ципрас ќе биде лидер на опозицијата во парламентотФотографија: Reuters

На неа е можно да дојде до првите разговори околу можни промени на досегашните договори за кредитната помош за Грција.  Важи за сигурно дека владата на Самарас ќе бара одложување на задачите за штедење за најмалку две години. Тој во изборната кампања ветуваше дека планира одново да преговара за с‘ржта на реформската програма. За тоа на денот на изборната победа не можеше да се чуе ниту збор. Наместо тоа Самарас порача дека Грција ќе ги исполни нејзините обврски. Ваквата изјава на новиот премиер остро ја критикуваше лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, кој во новиот парламент ќе биде лидер на опозицијата. Во Сириза најавија дека внимателно ќе следат дали Самарас ги исполнува изборните ветување дека наново ќе преговара за мерките за штедење. 

Шпага меѓу реформите и партиската традиција

Новата владина колиција очигледно е принудена на политичка шпага. Од една страна ја чека голема планина од незавршени мерки за штедење, а од друга страна трите владини партии, според сопствени наводи, сакаат наново да преговараат за курсот за штедење. Пред се’ најмалиот партнер, Демократска левица, која е во битка со другите левичарски партии за симпатиите на избирачите како своја најважна задача ја смета - владата на Самарас постојано да ја потсетува на нејзината обврска за ново преговарање. Поради оваа причина, во новата влада ќе настанат пукнатини, смета политичкиот аналитичар Андонис Папаганидис: „Веќе е впечатливо дека две од трите партии не поставуваат свои министри, односно, со други зборови кажано, се однесуваат како воопшто да немаат никаква врска со тоа“. Според политичкиот аналитичар Папаганидис одлучувачкиот тест за коалицијата претстои во наредните недели, бидејќи тогаш пратениците во парламентот, наспроти сета реторика ќе мора да гласаат за болните, но итно неопходни реформи.