1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата македонска влада ќе се гласа на 27 јули

18 јули 2011

Седницата за избор на новата влада ќе се одржи на 27 јули, соопштија од кабинетот на претседателот на Собранието Вељаноски. На седницата, мандатарот Груевски ќе ја образложи Програмата и Предлогот за состав на владата.

https://p.dw.com/p/11yUW
Фотографија: Petr Stojanovski

Македонското Собрание на 27 јули ќе ја почне седницата за избор на новата влада.

На седницата мандатарот Груевски ќе ја образложи Програмата и Предлогот за состав на владата пред пратениците. Гласањето за избор на владата се врши по Предлогот за состав на владата во целина со јавно гласање. Изјаснувањето се врши по завршувањето на претресот, а најдоцна на полноќ.

Во новиот владин состав за вицепремиерските места од ВМРО-ДПМНЕ се предложени Зоран Ставрески и Владимир Пешевски. Гордана Јанкулоска останува на чело на МВР, додека Министерството за култура и натаму ќе го води Елизабета Канческа-Милевска.

Никола Попоски, досегашниот амбасадор во ЕУ, ќе раководи со македонската дипломатија, Никола Тодоров ќе раководи со Министерството за здравство, а за нов министер за образование и наука од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е предложен Панче Кралев. Министер за администрација и информатичко општество останува Иво Ивановски, како и Миле Јанакиески, кој ќе го води Министерството за транспорт и врски.

Најмногу промени во ресорите на ДУИ

Mazedonien hat Kosovo als unabhängigen Sttat anerkannt
Пратеничката група на ДУИФотографија: Petr Stojanovski

Министерството за земјоделство и во овој состав и припадна на Социјалистичката партија и ќе продолжи да го води Љупчо Димовски. Министер за труд и социјална политика ќе биде Спиро Ристески, кој досега беше заменик-министер во овој ресор.

Од редовите на коалицискиот партнер ДУИ има двајца вицепремиери - за европска интеграција е Теута Арифи, а за спроведување на Рамковниот договор - Муса Џафери. Валон Сарачини ќе го води ресорот економија, а досегашниот министер Фатмир Бесими преминува на чело на Министерството за одбрана. Екологија ќе ја води Абдулаќим Адеми, локалната самоуправа Невзат Бејта, а министер за правда ќе биде Блерим Беџети. Министри без ресор остануваат Неждет Мустафа, Хади Незир и Веле Самак.

Замениците-министри ќе се избираат на нова седница што ќе се одржи на 29 јули.

Автор: БГ/миа/макфакс

Редактор: Александра Трајковска