Ништо од нов распоред на силите во Струмица
6 февруари 2017Советникот во општина Струмица од редовите на ВМРО-Народна партија, Методи Витанов денеска објави видео порака во која истакна дека бил изманипулиран од страна на централното раководство на неговата довчерашна партија.
Тој притоа вели дека поради несериозноста на раководството на ВМРО-Народна партија си дава оставка, а мандатот во Советот на општина Струмица ќе го продолжи како независен пратеник, притоа поддржувајќи на советничката група на СДСМ.
За време на викендот советници од Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека советник од ВМРО-НП , која досега коалицираше со СДСМ во овој совет преминал во нивните редови.
Тие објавија дека со новиот развој на настаните советничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има ново советничко мнозинство од 12 спрема 10 и побара итна седница за верификација на мнозинството како и избор на нов вршител на должноста градоначалник на Струмица. Социјалдемократскиот сојуз, чиј лидер и долгогодишен градоначалник токму на Струмица, Зоран Заев, во моментов прави обид да формира влада и обезбеди парламентарно мнозинство на државно ниво, потоа го повика советникот Витанов да ја преиспита одлуката.
Витанов во својата видео порака истакна дека ја почитува одлуката на централното претседателство на ВМРО-НП сега да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, но тој се смета себеси за грубо изманипулиран.