1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kritik an deutschen Löhnen

14 декември 2011

Вината за кризата на еврото не ја сносат само грчките долгови, туку и ниските плати во Германија. До овој заклучок дојде фондацијата Ханс Беклер, од каде тврдат дека ниските работнички плати предизвикуваат дебаланс.

https://p.dw.com/p/13RoW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од воведувањето на еврото трошоците на трудот во Германија забележале најмал пораст во споредба со другите европски држави. Во мнозинството други земји трошоците на трудот пораснале за три отсто, додека во Германија во периодот од 2000 до 2010 година просечната заработувачка по час пораснала за 1,7 проценти. Експертите на фондацијата Ханс Беклер (познат германски синдикалец од 19. век) тврдат дека тоа предизвикало опасен дебаланс во Европа.

Причината за малиот пораст на надницата во Германија делумно лежи во прилично воздржаните барања на синдикатите во текот на преговорите со работодавците. Синдикатите сакаа со конструктивен став да помогнат во намалувањето на невработеноста. Тие се задоволуваа со тоа што платите растеа онолку, колку што растеше и продуктивноста на фирмите, вели Густав Хорн, економски експерт. Тој е и еден од авторите на студијата во која се споредуваат трошоците на трудот во Германија со другите европски земји.

Дампинг во услужниот сектор

Во споредба со индустријата, уште помал пораст на платите се забележува во услужните дејности. Во тој сектор, најчесто и не постои колективен договор на работодавците и синдикатите. Во бројни други стопански гранки платите се договараат токму преку такви договори. Во услужните дејности Германија е земја на „ниски плати“, тврди Хорн. Ниските цени на трудот во овој сектор ја намалуваат и севкупната цена на трудот во бројни други индустриски гранки.

Berlin Demo Samstag 16. Mai 09
Синдикатите воздржани со барањатаФотографија: AP

Од една страна, тоа е добро за индустријата, но од друга, ја намалува куповната моќ на работниците. Последицата од тоа е дека Германија се’ повеќе извезува, а се’ помалку увезува. Дебалансот на внатрешната и надворешната трговија порано се израмнуваше на тој начин што растеше вредноста на германската марка на курсните листи, но по воведувањето на еврото тоа повеќе не беше можно.

Густав Хорн ги отфрла тврдењата на индустријата дека со поинаков развој би се загрозиле работните места во Германија, кои наводно би биле префрлени во земји со поефтина работна сила. Парадоксот на ваквата аргументација лежи во фактот дека во Германија најмногу пораснаа платите на работниците во оние бранши во кои домашните фирми се наоѓаат во жестока борба со конкурентите од странство. Густав Хорн вели дека работните места не можат да се преселат во странство. „Не верувам дека некој ќе седне во авион за да замине на фризер во Пекинг“, вели Хорн.

Gustav Horn
Густав ХорнФотографија: picture-alliance/dpa

Тој смета дека израмнувањето на споменатиот дебаланс повеќе зависи од политиката, отколку од синдикатите. Точно 40 проценти од работниците во Германија немаат можност да се повикаат на колективен договор. Платите за нивните работни места не зависат од договорот на синдикатот и работодавците. Затоа Хорн бара од политичарите да усвојат закони со кои ќе се утврдат минимум плати за работниците, што досега беше сторено само за одредени бранши. Тоа е единствениот начин работниците да добијат поголеми плати.

Автор: Петер Штуцле/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска