1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нирнберг на чело на табелата на фудбалската Бундеслига

21 август 2006

Стопроцентен ефект имаат уште Вердер и Баерн. Без освоен бод досега се Хановер, Алеманија и Бохум.

https://p.dw.com/p/Aei2
Маркус Шрот му ја донесе победата на Нирнберг
Маркус Шрот му ја донесе победата на НирнбергФотографија: AP

Во Бундеслигата се играше одвај второто коло во новото првенство, но со толку ангажман како да е во прашање решавачка рунда во борбата за титулата или за опстанокот: на викендот беа покажани пет црвени картони – повеќе отколку било кога досега во историјата на Бундеслигата. Последниот го доби играчот на Штутгарт Осорио во вчерашниот дуел против Арминија Билефелд.

Покрај овој негативен рекорд, тимот на Штутгарт вчера постигна уште еден рекорд: со само 9 играчи на теренот, два помалку од противникот, успеа да го постигне победоносниот гол – резултатот е 3 спрема 2; таков подвиг досега не му успеа на ниту еден друг тим. Пред Осорио и Да Силва мораше да го напушти теренот поради втор жолт картон.

Менаџерот на Штутгарт Хорст Хелд беше импресиониран: „Драматургијата беше луда. Вообичаено, штом со десет играчи водиш 2 спрема 1 и ти изедначат, па потоа останеш без уште еден играч, си мислиш океј, сега ќе те дотепаат“. Но, во фудбалот е се’ можно, напаѓачот Какау со прекрасен гол – негов втор на средбата – го донесе решението. Арминија играше добро, но на крајот тоа не беше наградено.

Така си помина и Бохум – повратникот во лигата загуби дома од Баерн со 2 спрема 1. З а одбранбениот играч Павел Дрсек – ништо ново: „Баварците повторно демонстрираа класа и ладнокрвност пред голот. Рој Макај е пред голманот и ја сместува топката – во тоа е разликата, нему тоа му успева“. Значи, се’ си е како што е вообичаено: Баерн не блеска, но вредно собира бодови.

Тоа го прави и Нирнберг, кој уште во петокот ја победи Борусија Менхенгладбах со 1 спрема 0 и по двете победи ненадејно е лидер на табелата. „Ако се земат пред вид сите шанси на обете страни, тогаш тоа секако беше среќна победа“ – спортски призна Ханс Мајер, тренер на Нирнберг.

Зад Нирнберг се Вердер, кој го совлада Баер Леверкузен со 2 спрема 1, и Баерн Минхен, исто така со по шест бодови. „Ние денеска навистина игравме супер, создадовме многу шанси, но победи помудрата и поладнокрвна екипа“ – оцени за дуелот во Бремен стрелецот на голот за поразениот гостински тим Паул Фраер.

Без бодови, пак, и натаму е Хановер, кој во Берлин загуби од Херта со 4 спрема 0. „Мислам дека денеска се поразивме самите себе си. Она што го прикажавме е речиси бламажа спрема клубот, тренерот и навивачите“ – рече новиот член на Хановер Франк Фаренхорст, кој дојде од Вердер во замена за репрезентативецот Мертесакер, довчерашен ограч на Хановер, а сега член на Вердер. Бод уште немаат освоено ни новите членови на Бундеслигата Алеманија, која дома беше поразена од Шалке со 1 спрема 0, и Бохум.

Нерешено и без постигнат гол заврши средбата меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Волфсбург. Фрустрирани се навивачите во Дортмунд, каде Борусија одигра 1 спрема 1 со Мајнц, како и во Хамбург, по нерешениот резултат од 2 спрема 2 на Хамбургер на гостувањето кај новиот лигаш Енерги Котбус.

Во секој случај, менаџерот на Баерн Ули Хенес и натаму им влева страв в коски на конкурентите: „Во септември ние вистински ќе бидеме во топ-форма и тогаш работите ќе ни одат уште подобро“.

СП-кошарка: две победи и пораз на Германците

Добро им појде на германските кошаркари на Светското првенство што се одржува во Јапонија. По неубедливиот настап на стартот и релативно скромната победа од 81 спрема 70 против домаќинот, во вториот натпревар тимот предводен од најдобриот германски кошаркар Дирк Новицки го совлада Нов Зеланд со 80 спрема 56. „Во напад добро пронаоѓавме слободен човек. Тие, всушност, играа цврста зона, но ние многу добро погодувавме од надворешни позиции. Тоа беше супер тимско постигнување“ – оцени Новицки.

Но, денеска во средбата со Шпанија, најсилниот противник во групата, Германија загуби со 92 спрема 71.

Во Ахен почна светското првенство во коњички спорт

Светското фудбалско првенство беше ѕвездениот настан на годината, а на викендот започна втората најголема спортска манифестација во Германија во 2006-та – светското првенство во коњички спорт. На свеченото отворање вчера во Ахен присуствуваа 40 илјади гледачи, на приредбата настапија 350 коњи и илјада јавачи, не изостана ни дефилето на учесниците.

На Светските јавачки игри, како што се нарекува светското првенство, ќе настапат спортисти од 62 земји и 800 коњи. Германија ќе биде застапена со 59 коњи и 44 јавачи и ќе го брани приматот во конкуренција на нации – пред 4 години беше за малку подобра од Франција и освои 4 златни, два сребрени и три бронзени медали.

Организаторот очекува атмосфера како на фудбалскиот мондијал и посета од вкупно 1 милион гледачи. „Се надеваме дека ќе имаме две недели со прекрасен спорт и убава атмосфера, каде коњот ќе биде голем победник“ – вели Франк Кемперман од Организациониот комитет.

Голема победничка на последното светско првенство беше Надин Капелман, која освои златен медал во дресурно јавање поединечно, како и во екипна конкуренција. Одбраната на титулата нема да биде лесна, најсериозната конкуренција доаѓа од Холандија. „Се разбира, има искусни натпреварувачи, пред се’ Анки ван Гринсван. Но, и покрај тоа, се надевам на медал во поединечните натпревари“ – вели Капелман. Таа, заедно со Изабел Верт, очекува златен трофеј екипно.

Германските претставници имаат реални шанси за победа и во другите дисциплини. „Некој пред неколку недели рече дека 50 насто од медалите ќе ги освои Германија. Поразмислив малку на мира – и точно е. Теориски е точно: има 16 златни медали и ако се’ оди според редот, може така и да биде. Едно е сигурно: со првенството Германија 100 насто освојува злато“ – вели Франк Кемперман.

Први настапуваат јавачите на дистанца, кои стартуваа денеска изутрината и мораат да совладаат патека долга 160 километри. Таа води и низ соседните земји Белгија и Холандија.