1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц треба да реши за динамиката на преговорите за името

2 јули 2009

Интервју со македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски за разговорите околу спорот со името со Грција, напредувањето на процесот на евроинтеграции.

https://p.dw.com/p/IfRl
Антонио МилошоскиФотографија: AP

Господинот Нимиц најави разговори сега, во текот на првата половина на јули. Дали очекувате некоја нова идеја?

Господинот Нимиц има долгогодишно искуство по ова прашање, секако и по други прашања во целата негова кариера. Очекуваме ова негово доаѓање да му даде можност за да ја развие неговата проценка, кои се условите за одреден исчекор напред, да го почувствува пулсот на политичарите по ова прашање и на општеството, секако, и во Република Македонија, и да го почувствува пулсот по европарламентарните избори во соседна Грција. Зависи од него, од неговата проценка, со која динамика понатаму ќе продолжи, но во секој случај ние ќе останеме дел од овој процес.

Минатата недела престојувавте на конференцијата на ОБСЕ на Крф, се очекуваше дека неформално ќе се сретнете со Вашата колешка Дора Бакојани. Зошто не дојде до средбата?

Официјалното образложение беше заради презафатеност, иако јас мислам дека ако имаше малку повеќе желба, средбата можеше да се оствари. Веројатно имаа и други причини кои подобро им се познати на нашите грчки колеги. Штета, тоа беше една добра прилика, но во секој случај, за да не останеме само на тоа и да ја покажеме и определбата од наша страна за отвореност и дијалог, испорачавме покана до грчката колешка и до нејзините соработници да ја посетат канцеларијата на ОБСЕ во Република Македонија, Грција е земја актуелен претседавач со ОБСЕ, и од нивна страна тоа беше прифатено. Очекувам таа посета да се оствари во некое идно време, во текот на оваа година и сметам дека ќе биде добра прилика да им го покажеме нашето гостопримство на грчките соседи и да поразговараме за прашања од заеднички билатерален и регионален интерес.

Кога сме веќе кај проблемот за името, се поголем притисок има од ДУИ, во преговорите активно да се вклучи претставник од албанските партии. Колку ова го сметате за неопходно?

Ние од минатата координативна средба, пред состаноците во Женева на амбасадорот Јолевски, ја започнавме оваа практика и оттогаш наваму редовен учесник на тие координативни средби ќе биде и заменик- претседателот на Владата, Абдулаќим Адеми. Сметаме дека тоа е можност да се искаже целокупната општествена и меѓуетничка солидарност по однос на ова важно прашање за сите граѓани на Република Македонија, особено за македонскиот народ. Од друга страна, тоа да биде и прилика ова национално прашање да биде дел од заедничкото залагање на сите релевантни политичари кои може да дадат свој придонес за негово надминување.

Во ситуација кога силно се лобира за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, оставка поднесе вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Ивица Боцевски. Колку има вистина во гласовите дека Вие ќе бидете новиот задолжен за евроинтеграции во реконструираниот кабинет на премиерот Никола Груевски?

Не би имал коментар за таквите шпекулации. Сакам да истакнам дека со господинот Боцевски имавме добра соработка, беше многу динамичен во својата работа и се залагаше, веруваше во она што го работи, особено е добар познавач на процесот на евроинтеграции, сигурен сум дека без разлика на личните мотиви за овој чекор, владата на Македонија и останатите институции ќе бидат расположени да најдат начини соработката со господин Боцевски да се продолжи на некое друго ниво, зашто таков потенцијал заслужува да биде и натаму корисен и употреблив за целиот процес и развој на политичката култура во Македонија. Од друга страна, иако ова е занимлива вест, голем политички настан, неговата оставка сепак нема да го запре вниманието ниту ангажирањето на владата во однос на исполнувањето на одредниците, бидејќи секоја седница на влада започнува со известување на Секретаријатот за европски прашања за тоа до каде е стигнато со активностите. Во моментов тоа ќе го прави државниот секретар Перо Димшоски. Инаку, исполнувањето на обврските се задачи кои се распределени по повеќе министерства, вклучувајќи го и Министерството за надворешни работи. Се надевам, очекувам наскоро да имаме повторно еден комплетен владин состав што ќе ни даде целокупен капацитет за да ги продолжиме реформите во оваа многу важна година за Македонија.

Antonio Milososki und EU Komissar Oli Rehn
Антонио Милошоски и еврокомесарот за проширување Оли РенФотографија: Dragan Todorovski

Велите целокупен владин состав ќе биде реконструиран кабинет?

Тоа не би можел да проценам. Претседателот на владата е тој кој го добил мандатот и ја има таа надлежност, но сигурен сум дека наскоро јавноста ќе биде запозната со намерите за надминување на оваа политичка ситуација.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Жана Ацеска