1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц: Името бара многу труд и бела коса

Катерина Блажевска11 јануари 2013

Медијаторот во спорот за името меѓу Македонија и Грција, по средбите во Скопје не соопшти конкретно за какви предлози разговарал со македонскиот државен врв, но изрази уберување дека по 20 години спорот може да се реши.

https://p.dw.com/p/17I0Z
Фотографија: MIA

Медијаторот на ОН Метју Нимиц не соопшти конкретно за какви предлози разговарал со македонскиот државен врв, но потврди дека нема целосно нови идеи.

„Добив силно уверување од Владата дека името е врвен приоритет. Зборувавме за различни можности. Дадов некои идеи и видов дека и овде и во Атина има зголемен интерес за изнаоѓање на решение за спорот за името", изјави пред новинарите медијаторот во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц, кој по постетата на Атина, денеска во Скопје имаше средби со премиерот Никола Груевски, со шефот на државата Ѓорѓе Иванов и со министерот за надворешни работи, Никола Поповски.

Старо-нови идеи

Нимиц, исто како и во Атина, не соопшти конкретно за какви идеи разговарал со македонскиот државен врв.

„Има и формални, има и неформални, има идеи за придавките, за опсегот на употреба. Јас само ги давам, а потоа разговараме дали се прифатливи", образложи Нимиц.

На прашањето дали се работи за нови идеи, медијаторот потенцира дека нема целосно нови идеи и дека секогаш има пристап за креативност. „Ова е тешко прашање и за неговото решавање треба многу труд и бела коса", потенцира тој.

На прашањето дали по 20 години верува дека спорот може да се реши, тој одговори потврдно и најави дека по овие средби ќе ги интензивира преговорите и ќе ги повика  во Њујорк преговарачите од двете земји, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. Тој објасни дека под терминот „напредок" подразбира решавање на прашањето за името. „Тоа значи приближување на позициите, задоволување на националните интереси, при што секоја страна треба да ги разбере позициите и грижите на другата страна", објасни медијаторот.

Namensstreit neue Gesprächsrunde in UN
Адамантиос Василакис, Метју Нимиц и Зора ЈолевскиФотографија: MIA

Државниот врв најави заедничко соопштение за содржината од разговорите со медијаторот Нимиц.

САД очекуваат напредок

Стратегиските пријатели на Македонија со интерес ја следат посетата на Нимиц на Атина и Скопје.

„Се надеваме дека лидерите на Македонија и на Грција ќе бидат во можност да најдат заемно прифатливо решение за прашањето за името и оти ќе ги искористат напорите на амбасадорот Метју Нимиц да постигнат напредок", изјави портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Викторија Нуланд на редовниот брифинг во Вашингтон.

Victoria Nuland
Викторија НуландФотографија: Getty Images

Таа потенцира дека САД отсекогаш ги поддржувале напорите на Нимиц. „Кога од нас ќе побара да помогнеме, тогаш ние се обидуваме да бидеме корисни. Ги следиме неговите патувања и со нетрпение очекуваме да го слушнеме", изјави Нуланд.

Дел од експертската јавност во Македонија, пак, се сомнева дека предлозите на специјалниот пратеник на ОН не се во полза на Македонија.

„Ова што го прави Нимиц сега, е во чиста функција на ЕУ и нема врска со неговиот мандат во ОН. Тој само користи начин како да се најде излез од тунелот, меѓутоа излез кој ќе и одговара на ЕУ, а не на Македонија", оценува  поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Според него, излезот мора да се бара преку Хашкиот Суд, ако треба и по втор пат.

Лидерот на ДПА, Мендух Tачи, не верува спорот за името ќе има разрешница во првата половина од годинава и не очекува некакви значителни резултати од посетата на Нимиц.

„Сега тешко може да се случат некакви работи во поглед на спорот. Некои политичари лесно даваат ветувања, но јас не верувам дека во првата половина на годината ќе има некакво решение", оцени тој.