Николиќ: Србија сака во ЕУ и не се одрекува од Косово
31 мај 2012„Се колнам дека сета своја сила ќе ја посветам на зачувување на суверенитетот и територијалната целовитост на Република Србија, вклучувајќи ги и Косово и Метохија како нејзин составен дел, како и за остварување на човековите и малцинските права и слободи, почитување и одбрана на Уставот и законите, зачувување на мирот и благосостојбата на сите граѓани на Република Србија и дека совесно и одговорно ќе ја извршувам својата должност“, се заколна денеска (31.05) Томислав Николиќ пред српските пратеници.
На седницата присуствуваа и сопругата на Николиќ заедно со неговите синови, снаи и внуци, дел од претседателските кандидати, меѓу кои и поранешниот претседател Борис Тадиќ, членовите на актуелната Влада, српскиот партијарх Иринеј, претставници на другите врски заедници, како и повеќе странски амбасадори.
Нема време за чекање
По полагањето на заклетвата Николиќ изјави дека сака да ја види Србија обединета за подобар живот, ослободена од страв за иднината и како рамноправна членка на ЕУ, но дека никогаш нема да се откаже од суверенитетот над Косово.
„Ако се борите за народот, ќе Ве поддржам со сета сила што ми ја дава Уставот. Често бев жртва на неправдата и нема да запрам со борбата се‘ додека Србија не стана правна и вистинска демократска држава“, им порача Николиќ на пратениците, додавајќи дека сака да види една поинаква Србија.
Заседанието на кое Николиќ положи заклетва следуваше откако претпладнево се одржа конститутивната седница на новоизбраното српско Собрание. Николиќ денеска изјави дека се надева оти Србија до понеделник (04.06) ќе има мандатар за состав на нова Влада, затоа што е јасно „дека нема време за чекање“. Ако до понеделник нема мандатар, според Николиќ, тој ќе продолжи да ги „притиска“ политичките партии и да организира консултации со изборните листи кои се влезени во парламентот. Новиот претседател нагласи дека сака да соработува со Владата без оглед кој ќе ја формира.