1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не станува збор за вистинско клекнување

Верица Спасовска/ Превод: Александра Трајковска26 април 2013

Извинувањето на српскиот претседател Томислав Николиќ за масакрот во Сребреница е чекор во правец на помирување, но не е вистинско клекнување пред жртвите на војната, смета Верица Спасовска.

https://p.dw.com/p/18Nr9

Забележително е што токму Томислав Николиќ во интервју за босанската телевизија јавно ја призна вината, која српските воени злосторници во овој најстрашен масакар ја извршија над босанските муслимани. Имено наспроти неговиот про-европски ориентиран претходник Борис Тадиќ, кој веќе слично се произнесе, Николиќ се сметаше за ултранационалист, од кого Европа не очекуваше вакви гестови. Николиќ само пред неколку години јавно се произнесе против израчувањето на осомничените воените злосторници Младиќ и Караџиќ и го криткуваше Трибуналот за воени злосторства во Хаг дека зазема страна. Дека токму тој како претставник на десниот политички табор ќе изрече едно вакво извинување исто така е и важен внатрешно-политички сигнал насочен кон тврдокорните националисти во Србија. Не е ни чудо што токму тие сега не ја штедат критиката за изјавата на Николиќ.

Недостасува автентичност

Но, какво влијание има едно вакво извинување кај жртвите? Тоа оправдано е резервирано. Организацијата на жртвите „Мајките на Сребреница“ критикуваа, дека Николиќ не изустува дека при масакрот во Сребреница се работи за геноцид. Прво мора да биде докажано, дополни ограничувачки и релативирачки српскиот претседател, дека сите страни во конфликтот во поранешна Југославија извршиле злосторства, кои имале карактер на геноцид. Тоа се такви релативирачки реченици, кои сеат сомнеж во неговата искреност.

Deutsche Welle MSOE Verica Spasovska
Верица Спасовска, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Овие сомнежи се продлабочуваат преку еден друг аспект: Кога зборуваше за тоа дека „на колена ќе замоли за простување за Србија“ Николиќ рамнодушно седи наслонет во фотеља. Вистинско покајување изгледа поинаку. Клекнувањето на германскиот канцелар Вили Брант, кое ненадејно дојде две децении по Втората светска војна во Варшава пред споменикот за жртвите од националсоцијализмот, беше убедлив и трогателен гест.

Потребно е повеќе од зборови

Зборовите на Николиќ може да се сфатат во контекст на неговата тактика кон Европската унија. Највисоката цел сега гласи да му се допаднеш на Брисел, со оглед на тоа што Комисијата на ЕУ по договорот меѓу Србија со поранешната покраина Косово препорача почеток на преговорите за пристап. Под притисок на најмасовната економска криза со години, која уште повеќе се заостри со европската финансиска криза, перспективата за пристап во ЕУ за владата во Белград очигледно е поважна отколку придржување до националистичката чувствителност. Меѓу нив припаѓа и широко распространетото сфаќање дека Србија е всушност жртвата во југословенските војни и дека Трибуналот за воени злосторства на ОН е еднострано против Србија.

Потребно е повеќе од зборови, за да се смени овој широко распространет став и со тоа да се овозможи помирувањето. Неопходно е чесно справување со најновата историја и сопствената одговорност во југословенските војни. Неопходна е размена на млади луѓе, кои се подготвени да ја променат перспективата. Дури откако на зборовите ќе следат дела кои покажуваат дека помирувањето навистина е посакувано, босанските жртви на војната ќе можат да го прифатат извинувањето.