„Не смеете да се предадете“
14 ноември 2010Кога 65-годишната Аунг Сан Су Ќи околу пладне по локално време (14.11) пристигна со автомобил во кругот на партиските простории, одушевувањето на нејзините неколку илјади приврзаници беше огромно. „Ако ја употребиме нашата сила како што треба, никој не може да не‘ скрши. Храброста значи да се залагаме упорно за она во што веруваме. Храброст не значи употреба на физичка сила и гласност. Не смеете да се предадете“, и‘ порача Сан Су Ќи на огромната толпа луѓе, меѓу кои, како што тврдат очевидци, имало и агенти на режимот облечени во цивилна облека.
„Радосна сум и охрабрена што ве гледам сите овде. Знам што сака народот и знам што сакате вие овде. Секојдневно слушав пет до шест часа радио, иако понекогаш беше здодевно, но за доброто на народот морав да бидам во тек со настаните“, рече Сан Су Ќи.
Носителката на Нобеловата награда за мир пред да им се обрати на присутните, одржа средби со неколкумина странски дипломати. Потоа најави дека ќе се врати во политиката и подвлече дека „ќе соработува со сите демократски сили“. „Сакам да се чуе гласот на народот и потоа ќе донесеме одлука за нашите натамошни постапки“, рече таа, нагласувајќи дека ќе се залага за подобрување на условите за живеење во Мјанмар. Нобеловката нагласи дека нема да се расправа со воената хунта која ја стави во домашен притвор. „Верувам во човековите права и правната држава“, рече таа, потенцирајќи колку е важна слободата на мислење за една демократија.
„Аунг Сан Су Ќи може да ја води успешно нашата земја, исто како татко и‘, нашиот национален херој на независноста. Цврсто веруваме во неа“, убеден е еден од присутните кои го слушаа говорот на Нобеловката.
Сан Су Ќи беше ослободена од притвор вчера. Во изминатите 21 година таа 15 мина речиси во целосна изолација. Опозиционата политичарка се бори за демократија во својата земја од 1988 година. Воената хунта ја обвини за обид за дестабилизација на земјата и во изминатите години постојано и‘ го продолжуваше домашниот притвор. Нобеловиот комитет сега ја покани Сан Су Ќи во Норвешка, бидејќи таа не можеше да присуствува на доделувањето на наградата за мир во 1991 година. Нобеловката, меѓутоа, во изминатите 20 години избегнуваше патувања во странство, поради тоа што стравуваше дека хунтата ќе и‘ забрани враќање во земјата.
Автор: ЕМФ/СН/БМБ/афп/дпа
Редактор: Симе Недевски