1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не се знае колку ќе трае судењето на Младиќ

Џевад Сабљаковиќ / Александар Методијев4 септември 2014

По летната судска пауза, одбраната на Младиќ ја продолжува доказната постапка започната на 19 мај оваа година. Досега се изнесени 35 сведоци, а пријавени се уште околу 280. Судењето може да потрае уште година и половина.

https://p.dw.com/p/1D605
Фотографија: picture-alliance/dpa

Одбраната на Ратко Младиќ, која ја сочинуваат тројца адвокати, во целост ги отфрла доказите на обвинителите и не прифаќа ниту еден аргумент посочен во доказната постапка на обвинителството, која е завршена во декември минатата година. Драган Иветиќ, еден од застапниците на одбраната, рече дека обвинетиот Младиќ се „радува“ на изведувањето докази на одбранати, бидејќи верува дека сведоците ќе ја „докажат вистината која ќе ја демонстрира неговата невиност“.

Поранешниот командант на Главниот штаб на војската на Република Српска е обвинет за геноцид во Сребреница, прогонување на Бошњаците и Хрватите, што во седум босанскохерцеговачки општини имаше размери на геноцид. Тој е обвинет и за артилериски и снајперски терор над Сараево и неговите жители, како и за земање на припадниците на УНПРОФОР како заложници. Генералот Младиќ е уапсен во Србија на 26 мај 2011 година, а неговото судење во Хашкиот трибунал почна една година подоцна – на 16 мај 2012 година. Обвинителите во својата доказна постапка, која траеше година и половина, изнесоа 146 сведоци. Последниот беше во декември минатата година.

Младиќ и Караџиќ меѓусебно си ја префрлуваат вината

Во првите два месеци од својата доказна постапка, одбраната на обвинетиот ги оспорува сите докази на обвинителството. Сведоците во досегашната доказна постапка на одбраната на Младиќ речиси од прв до последен сведочеа и во одбраната на Радован Караџиќ, иако поранешниот командат на војската и воениот претседател на Република Српска неретко се трудеа одговорноста да си ја префрлат еден на друг за време на судењата пред Хашкиот трибунал. И двајцата го смалуваа или во целост го негираа значењето и близината на нивните односи и врски во војната во Босна и Херцеговина, без оглед дали тие биле лични или институционални односи.

Karadzic und Mladic Archiv 1993 in Pale
КАраџиќ и Младиќ во Пале во 1993 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Префрлување на одговорноста за злосторствата врз армијата на БиХ

Меѓутоа, и едниот и другиот од сведоците го бараа и го добија истото – во доказните постапки на нивната одбрана сведоците повторуваа дека не се направени никакви злосторства над Сараево и неговите граѓнаи.

Тие подеднакво ја негираат одговорноста на обвинетите за сите големи масакри, како што се двата напади на пазарот Маркале, гранатирање на редиците луѓе кои чекаа да купат леб во улицата „Васо Мискин“, убиството на децата во Алипашино Поле и други, и одговорноста за нив ја префрлуваат на армијата на БиХ. Сведоците тврдат дека таа се исценирала и изрежирала за да ја обвини војската на Република Српска.

Според сведоците на одбраната на Младиќ, армијата на БиХ е виновна и за цивилните жртви во Сараево, бидејќи од станбени згради и населени делови во градот отворала оган кон позициите на војската на Република Српска, чии припадници „само се бранеле“ и повремено одговараа на „провокациите од градот“, гаѓајќи исклучително воени цели, при што граѓаните биле неминовни колатерални жртви.

Trauerfeier in Kozarac
Последно испраќање на жртвите од „Томашица“Фотографија: klix.ba

Младиќ одмора во петок

Поради повторување на исти искази, претседавачот на советот кој ја води постапката против Младиќ, холандскиот судија Алфонс Ори во повеќе наврати ги опомена бранителите на Младиќ дека сведочењата во нивната постапка не се доволна „доказна вредност“ и дека се со „проблематична релевантност“.

Ново во постапката е што во овој процес, по препорака од лекарите, судските заседавања ќе се одржуваат четирипати, а не како досега петпати неделно. Петоците, како што е соопштено, ќе бидат слободни денови, бидејќи на неодамнешните прегледи лекарите утврдија дека на обвинетиот му е потребен подолг одмор.

Новина е и што обвинителството по летната пауза побара повторно отворање на судската доказна постапка за да се предочат доказите за масовната гробница „Томашица“, која е откриена минатата година во близина на Приједор. Обвинителите велат дека за таа гробница дознаел во септември 2013 година, при крајот на својата доказна постапка, па немале шанса на судскиот совет да му ги предочат фактите за неа.

Посмртните останки на околу 300 лица во Томашица, начинот на кој се убиени и како е организирано нивното закопување, според мислењето на обвинителите, зборува за „планирана, систематска и масовна природа на убивање“ во регионот на Приједор. Гробницата „Томашица“, според обвинителството, е нов доказ за злосторствата од геноцидни размери, за кои е обвинет Младиќ како учесник во здружено злосторничко делување, чија цел беше Бошњаците и Хрватите трајно да се отстранат од нивните подрачја во Босна и Херцеговина, која обвинетите ја прогласуваа за српска.

Поради кратењето на работната недела на четири дена и можноста за прифаќање на барањето на обвинителството за изведување докази за „Томашица“, процесот против Младиќ би можел да се продолжи, според неофицијални информации од Хашкиот трибунал, за уште една и пол година.