1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не ми се приближувај, ми треба приватност

Анада Граде / Темјана Поповска18 јануари 2013

Секоја култура различно ја толкува приватноста. Мигрантите во Германија ги чувствуваат овие разлики. Во западните култури приватноста е обичај и право. Во некои други култури не е.

https://p.dw.com/p/16pX7
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

„Ми треба малку простор“ и’ вели Кристина на својата мексиканска мајка. Таа ја привлекува ќерка си кон себе велејќи и‘ строго: „Меѓу нас нема простор!“ Оваа сцена од американската комедија „Шпенглиш“ (Spanglish) покажува колку е различно сфаќањето на приватноста во културите. Да бидеш сам и да се развиваш слободно без другите да ти пречат, односно да имаш приватност, кај луѓето во западните културти е обичај и право. Во Германија приватноста се смета како простор во кој личноста може да се однесува слободно и опуштено, без другите да ја гледаат или слушаат. Во САД приватноста е „право да бидеш оставен на мир“ (The right to be let alone).

„Контактните“ против „неконтактните“ култури

Сите култури немаат исто сфаќање на приватноста. Истражувачите на културата ги делат земјите на т.н. „контактни култури“, во чиј фокус е заедницата, и „неконтакнти култури“, кои се одликуваат со индивидуализам. Холандскиот професор Герт Хофстеде со децении ги истражува вредностите на различните култури ширум светот. За него, сфаќањето на приватноста зависи од индивидуализмот или колективизмот на културата. И не само тоа туку: „Колку личноста има приватност зависи и од просторот кој го има, а со самото тоа и богатството. Богатството доаѓа пред индивидуализмот“, додава Хофстеде.

Латинска Америка, арапскиот свет и Јужна Европа припаѓаат во „контактните култури“. Се карактеризираат со многу блискост и телесен контакт меѓу луѓето. Во „неконтактните култури“, како што е Северна Европа, телесниот контакт се ограничува на најнеопходното. Хофстеде ова го нарекува „пријатна дистанца“, односно растојание на кое луѓето се чувствуваат удобно.

Symbolbild Pflege Fürsorge
Луѓето од Северна Европа, за разлика од тие на југот од континентот, телесниот контакт го ограничуваат на најнеопходнотоФотографија: picture-alliance/dpa

Мигрантите ги чувствуваат разликите

Луѓето кои емигрираат во Германија ги чувствуваат разликите во однос на приватноста. Иранецот Ескендер Абади потврдува дека: „во Иран е тешко да се повлечеш во самотија. Ние бевме 12 деца и делевме 2 соби“. Од друга страна, во Германија се‘ има свое место, секој има своја соба, вели Абади. Тој со насмевка се сеќава на неговиот живот во Иран, објаснувајќи: „Кога мајка ми ме посети во малечката студентска соба и’ реков дека морам да учам. Таа седна и беше мирна, а една минута подоцна ме прекина и праша дали напредувам и дали ми треба помош“.

Кинеската Лин Фу, која во Германија живее 13 години, ги забележува културните разлики и кај својата шестгодишна ќерка: „Таа на вратата од својата соба направи табла на која пишува:’Тропнете ве молам’.“ Во нејзината култура такво нешто е незамисливо. Сепак, Фу смета дека таблата на вратата е симболичен и интересен гест според кој може да се види преминот на културите. Хофстеде ова го смета како т.н. „тригенерациски процес“.

„Првата генерација во првите 10 години од животот прифатила одредени вредности, кои ги носи со себе цел живот. Втората генерација, нивните деца, доживуваат два различни системи на вредности - дома и во училиште. Затоа понекогаш се чувствуваат изгубено. Третата генерација целосно е прилагодена на новата култура, иако во семејството се’ уште постојат одредени традиции од старата култура“, објаснува Хофстеде.

Symbolbild - Privatsphäre
Приватност им е потребна и на децата. На таблата на фотографијава пишува „НАДВОР!“Фотографија: Fotolia/somenski

Приватност во меѓународниот бизнис свет

Сфаќањето на приватноста во другите земји се гледа и во деловното секојдневие, особено кога се работи за меѓународни состаноци. Советникот за раководни позиции и експерт Александер Грот од своето искуство ширум светот вели: „Мажите во Аргентина ви се приближуваат многу блиску. Можете да го почувствувате нивниот здив на вашето лице“. За некој од Северна Европа тоа би било непријатно. Во Индија уште повеќе му се приближувале. „Замислете со вашиот индиски колега да одите во ресторан и притоа тој да ве држи за рака. Ако сте Европеец, тоа би ве направило многу нервозен“.

Во деловниот свет интеркултурната комуникација е честа тема. Многу автори на книги за менаџмент, заедно со истражувачите на културата, настојуваат да ги анализираат различните земји. Во меѓувреме социолозите се’ уште размислуваат што всушност значи „приватноста“. Не е лесно да се дефинира поимот и како што вели Хофстеде: „Приватноста е прилично суптилна и може да се мери само со телесното растојание“.

Дефинирањето на поимот го отежнува фактот дека приватноста различно се сфаќа не само од култура до култура, туку и од личност до личност. Поради тоа американската професорка по филозофија Џули С. Инес во својата публикација „Приватност, интимност, изолација“ вели дека: „Светот на приватноста е хаотичен“.