1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е важно што кажа Трамп, туку што не кажа

Михаел Книге/превод: Ж.А.16 август 2016

Помпезно најавуваниот говор на Доналд Трамп за тероризмот и доселувањето ја понуди вообичаената мешавина од полувистини и фалби. Но, најважно од се‘ е она што тој не го кажа, истакнува Михаел Книге

https://p.dw.com/p/1Jj5P
Фотографија: Reuters/E.Thayer

По една за него катастрофална недела, Доналд Трамп, видно трудејќи се да се заузда, вчера одржа говор на тема за која очигледно мисли дека нуди најдобра можност да поентира: опасноста од терор и доселувањето. Користејќи телепромтер, претседателскиот кандидат на Републиканската партија успеа да го прочита текстот без испади и навреди.

Притоа, сепак ги повтори невистинитите тврдења дека од почетокот бил против војната во Ирак. И неговата најава како претседател да ја запре сегашната американска стратегија на „национална изградба“ е заблудувачка и лицемерна. Крајно, главната цел на администрацијата на Обама беше и е токму постешено повлекување на САД од воените странски ангажмани. И токму поради тоа Републиканците, исто и Трамп, најчесто го критикуваа Обама. Конечно, безгранично бесрамно е што токму Трамп, кој повеќепати ги навредува Мексиканците, муслиманите, црнците и жените, својот говор го заврши со апел за престанок на фанатизмот и угнетувањето. Сево ова е непријатно, но не и изненадувачко, зашто во однос на изјавите на Трамп во меѓувреме се воспостави извесна отрпнатост.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Дотолку позначајно од неговиот говор гарниран со полувистини и дрскости е она што Трамп не го кажа. Тој ги изостави своите најнедоносени изјави во врска со тероризмот и доселувањето. Прво, неговото неодамнешно тврдење дека претседателот Обама е „основач“ на терористичката група Исламска држава. Второ, своето барање од крајот на минатата година за запирање на доселувањето на муслимани.

Во својот говор Трамп истакна дека надворешната политика на Обама и Клинтон ја разви Исламска држава. Наместо запирање на доселувањето муслимани, сега Трамп пледираше за „екстремно остар“ идеолошки тест за доселениците. Човек не мора да се согласува со новите тези на Трамп. Дискутабилни се исто така и неговите ставови за улогата на надворешната политика на САД во подемот на Исламска држава, исто како и барањето за идеолошки тест за доселениците, од правен и етички аспект. Во споредба со поранешните апсолутно недискутабилни забелешки за овие важни теми, неговите најнови изјави, мора да се признае, се само мал напредок. Да причекаме колку долго ќе потраат.