1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неформална средба на НАТО во Севиља

8 февруари 2007

Денеска и утре во шпанскиот град Севиља се среќаваат министрите за одбрана на земјите членки на НАТО. На состанокот од неформален карактер доминираат две теми: военото присуство на Алијанаста на Косово по решавањето на статусот и пролетната офанзива во Авганистан.

https://p.dw.com/p/AdtW
Колку ќе помогнат германските авиони од типот „торнадо„ во Авганистан?
Колку ќе помогнат германските авиони од типот „торнадо„ во Авганистан?Фотографија: picture-alliance/ dpa

По решавањето на отвореното прашање за статусот на Косово, НАТО сојузот има намера да продолжи да се грижи за тамошната и за безбедноста во целиот Балкански регион и тоа во тесна соработка со ЕУ. Таа треба да помогне и во организирањето на државните структури и за нивното демократско функционирање. Сегашните КФОР сили со околу 17.000 војници од повеќе земји би требало постепено да им ги предаваат надлежностите на институциите на ЕУ и на косовските власти. При тоа како подлога треба да послужи планот на посрединкот на ОН, Марти Ахтисари, на кој членките на НАТО му даваат неограничена поддршка.

За Косово веројатно ќе стане збор и на средбата на министрите со нивниот руски колега Сергеј Иванов на утрешното продолжение на неформалниот состанок. При тоа важна тема според очекувањата ќе биде распоредувањето на ракетни одбрамбени системи на Алијансата во Полска и Чешка. Русија тоа го смета за елемент во создавањето нов систем за против ракетна одбрана на Американците, што ќе предизвика и контра мерки на официјална Москва. Министерот Иванов веќе најави зголемување на воениот буџет во наредните осум години со посебен фокус на ракетните системи. Од друга страна, американскиот сенатор Џон Меккејн, и‘ префрли на Москва за водење империјалистичка политика кон сопствените соседи.

Што се однесува до втората најважна тема, Авганистан, НАТО бара од земјите членки испраќање дополнителни воени контингенти за поефикасно извршување на поставените задачи. Новиот главен командант на НАТО силите за Европа, генералот Џон Кредок, најави дека на министрите за одбрана сака да им ги образложи неговите замисли за натамошните акции во Авганистан:

“Ни требаат повеќе сили. Нив до сега никој не ги ветил, а тоа би морало да се случи!“

Во официјалниот речник на НАТО министрите не се спомнува терминот пролетна офанзива, ниту од страна на талибанските бунтовиници, ниту пак од онаа на меѓународните сили. Но, јасно е дека се очекува зголемување на воените акции на Талибанците, особено на југот и истокот од земјата. Бидејќи од земјите членки не доаѓаше јасна подготвеност за испраќање дополнителни војници, средбата во Севиља и не се нарекува конференција за собирање воени сили. Но, генералниот секретар Јап де Хоп Шефер изминатите месеци постојано нагласуваше дека недостасуваат војници и дека Алиајнсата не може да избега од таа задача.

На неформалниот состанок германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг ќе ги информира колегите за решението на владата во Берлин да испрати 6 авиони за разузнавање од типот торнадо. Тие треба да заменат една британска воздухопловна едниница, а нивната задача ќе биде да ги снабдуваат борбените сили на НАТО со разузнавачки информации. Претставниците на НАТО сметаат дека со тоа германските авиони се секако составен дел на воените дејства и не ја разбираат дебатата во германската јавност околу тоа дали станува збор за помошен, разузнавачки ангажман или борбен.