1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неуспешен напад во Суецкиот канал

ЕМФ/дв1 септември 2013

Друштвото кое управува со Суецкиот канал соопшти дека „терорист“ се обидел да го блокира каналот со напад врз брод со контејнери. Нападот, чија позадина е непозната, не успеал.

https://p.dw.com/p/19Zhq
Фотографија: AFP/Getty Images

Ниту бродот врз кој е извршен нападот, а кој патувал под панамско знаме, ниту пак товарот што го носел, не се оштетени, се вели во соопштение на друштвото-управител со Суецкиот канал. Сообраќајот по каналот сега се одвива нормално. Египетската армија ги зајакна безбедносните мерки. Според информации од лица запознати со случајот, се случиле две експлозии кога бродот го минувал Суец. Што се крие зад нападот не е познато. Исто така не се дадени детали ниту за идентитетот на напаѓачот.

Тешките безредија во Египет во изминатите недели предизвикаа загриженост од можни напади во Суецкиот канал. Каналот кој ги поврзува Црвеното море и Средоземјето е не само една од главните артерии на светската трговија, туку има и стратешко значење. Неодамна еден американски воен брод мина низ каналот за да и‘ се приклучи на флотата во источниот дел на Средоземјето. Ракетите кои се превезуваат на воените бродови би можеле да бидат употребени при најавениот американски воен напад врз Сирија.

Инаку, Суецскиот канал е долг 200 километри и покрај Панамскиот канал е најважниот воден пат во светот. Минатата година низ него минаа повеќе од 17.000 бродови. Каналот е важен извор на приходи за Египет. Само во 2012 година земјата од таксите за премин преку каналот имаше приход од повеќе од 5 милијарди долари.