1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

280910 Menschenrechtsrat Gaza-Hilfsflotille

29 септември 2010

Советот на ОН за човекови права, во Женева денеска (29.09) гласа околу предлог-резолуцијата за извештајот од истрагата за нападот на израелската морнарица врз конвојот за Газа на крајот на мај, во кој загинаа 9 лица.

https://p.dw.com/p/PPXh
Фотографија: AP

Предлог-резолуцијата бара проследување на извештајот до Советот за безбедност на ОН во Њујорк, како и истрага за кривична одговорност против израелските војници кои учествувале во нападот, поради самоволно убивање и измачување. Во дебатата, единствено амбасадорот на Израел во ОН се изјасни против извештајот и против натамошно проследување на предлог-резолуцијата:

„Членовите на Советот за човекови права треба да пружат отпор на секаков обид за натамошно проследување на овој извештај“, рече амбасадорот Ахарон Јаар.

Прекршок на меѓународното право

Во нападот на израелските војници на 31 мај, загинаа деветмина турски активисти кои беа на еден од бродовите на меѓународната хуманитарна флота за Појасот Газа. Во акцијата беа повредени 50 лица, од кои дел тешко. Флотата составена од шест бродови имаше намера да транспортира хуманитарна помош за Појасот Газа, што Израел го држи веќе со години под поморска блокада. По испрашувањето на 112 сведоци од 20 различни земји, тричлената истражна комисија на Советот за човекови права дојде до едногласен заклучок. Него, на почетокот на дебатата во Советот, го соопшти претседателот на Истражната комисија, Томас Хадсон-Филипс, поранешен судија во Меѓународниот кривичен суд:

UN Menschenrechtsrat in Genf
Во Советот на ОН за човекови права се водеше контроверзна дебатаФотографија: AP

„Членовите на Комисијата дојдоа до заклучок дека израелската војска употребила несразмерно, ексцесивно и сосема непотребно насилство против патниците на бродот. Се работи за тежок прекршок како на меѓународното хуманитарно право, така и за кршење на човековите права.“

Извештајот на истражната комисија го негира и тврдењето на израелската влада дека нејзините војници пукале само во самоодбрана, откако претходно биле нападнати од патниците на бродовите. Израелскиот амбасадор во својата реплика не се осврна на делови од извештајот и на доказите презентирани таму, туку генерално го нападна целиот извештај, истражната комисија и целиот Совет на ОН за човекови права како еднострани и насочени против Израел.

Израел вели дека извештајот и Комисијата се еднострани

На ваквата критика решително се спротивстави раководителот на Комисијата, Томас Хадсон-Филипс. Тој укажа дека израелската влада отфрлила секаква соработка со Комисијата и на војниците кои учествувале во нападот, како и на нивните претпоставени, им забранила да се појават пред Комисијата во улога на сведоци и да го изнесат своето видување на настанот:

Israel Palästina Palästinenser Gaza Angriff Schiff
Во извештајот на Комисијата се вели дека е употребено ексцесивно и непотребно насилствоФотографија: AP

„Комисијата направи голем напор да добие сведоштва од израелските војници и нивните претпоставени, но за жал, амбасадорот на Израел не‘ информираше дека неговата влада смета оти нашата Комисија е непотребна.“

Извештајот, инаку, го поздравија амбасадорот на Турција, како и претставниците на речиси сите земји членки на Советот на ОН за човекови права. Единствено САД го критикуваат како неурамнотежен. Амбасадорот на САД аргументираше дека извештајот им пречи на напорите на администрацијата на Обама за мировни преговори меѓу Израел и Палестинците. Претставниците на ЕУ, Јапонија и Канада се воздржаа од секаква критика, но пледираа извештајот да стане дел од истрагата на четиричлената Комисија, во која има претставници и на Турција и Израел, основана на иницијатива на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. Владата во Тел Авив, сепак, не и‘ дозволува ниту на оваа Комисија да ги испрашува израелските војници.

Автор: Андреас Цумах / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска