1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непартизирана администрација- само сон?

10 декември 2010

Законот за државна управа повторно се најде на дневниот ред на македонското Собрание. Се очекува за него да се расправа и гласа деновиве откако во првиот обид не беше обезбедено неопходното двотретинско мнозинство.

https://p.dw.com/p/QUu8
Собрание на РМФотографија: Petr Stojanovski

Законот за државна управа е ставен на дневен ред на собраниска седница по втор пат откако Парламентот во понеделникот (06.12.2010) не успеа да го донесе поради тоа што не беше обезбедено двотретинско мнозинство потребно за изгласување на овој закон. Првиот пат предлагач беше Владата, сега во суштина истото решение го предлагаат група пратеници од владеачките ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Опозицијата тврди дека тоа е спротивно на деловникот кој не дозволува закон што не успеал да биде донесен да се разгледува повторно во следните три месеци. Законот е седма точка и се очекува расправа по него во наредните денови.

Партизацијата нема да биде спречена

Закон за државна управа и закон за државни службеници. Во процедура на донесување се два закона кои се однесуваат на една од најкритикуваните сфери во Македонија, администрацијата. Клучните новини се однесуваат на трансферот на надлежности од Агенцијата за државни служеници во Министерството за информатичка технологија како и начинот на вработување во државна служба, напредување и бркање од работа.

Europeische Kommission
Администрацијата во Македонија е најкритикувана сфера од страна на Европската КомисијаФотографија: DW

Дали новите решенија ќе го зајакнат капацитетот на администрацијата како што со години бара Европската унија или пак дополнително ќе ги компликуваат работите? Дојче Веле побара одговор од експертите. Професорот Борче Давитковски смета дека предложениот закон нема да ја оневозможи политизацијата и партизацијата на јавниот сектор туку напротив. Голем број забелешки има и професорот Осман Кадриу. Вели ова не е вистинска реформа. „Јавната администрација ќе биде под уште поголемо политичко влијание ако се донесат овие два закона“.

Законите се основа за партиска чистка, смета ЕУ

Освен експертите кои ги консултираше Дојче Веле предложените закони негативно ги оценија невладиниот сектор и опозицијата а стаса и реакција од Брисел. Критиката се базира на оценката дека законите се база за партиска чистка во јавната администрација и уште поголемо влијание на политиката во јавниот сектор. Власта пак од своја страна ги претставува законите како реформски потег што ќе го зајакне капацитетот на јавната администрација. Македонија со години е критикувана дека има политизирана, трома и неефикасна јавна админисртација. Европската Унија бара професионализација на јавниот сектор, неопходен чекор во процесот на евроинтеграција.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски