1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неопходни се санкции за насилниците

Свето Тоевски3 март 2009

Експертите предупредуваат дека изборните нерегуларности можат да се повторат доколку судството во Македонија не биде поефикасно во постапките за минатогодишните изборни насилства.

https://p.dw.com/p/H4iM
Слика од минатите избори во МакедонијаФотографија: DW

Само осум, од вкупно двесте поднесени кривични пријави за изборните нерегуларности и инциденти од ланските предвремени парламентарни избори во Македонија, се со судска пресуда. Една од нив е ослободителна. Најголем број кривични пријави се поднесени во Гостивар – стотина, но, од нив има пресуда само за еден случај и тоа со најниска казна затвор во времетраење од една година. Претседателот на судот во Тетово, судијата Томислав Бошковски, во изјава за „Дојче Веле“ забележува дека досега се завршени три предмети за четворица обвинети на кои судот им одредил затворски казни во времетраење од шест, четири и десет месеци. Во фаза на постапување врз основа на покренати обвинителни акти има вкупно 14 предмети за 54 обвинети лица. Бошковски вели дека претресите се одложуваат поради големиот број сведоци, од кои добар дел не се појавуваат на судењата.

Земјата го губи имиџот

Политичките експерти и аналитичари сметаат дека отсуството на навремен и енергичен институционален одговор против предизвикувачите на изборните насилства и нерегуларности, кои и натаму се шетаат неказнети, неоправдано ја компромитира Македонија како држава во очите на меѓународната заедница.

„Македонија не покажува решителност, сила и енергија да се справи со организираната група, која предизвикува изборни инциденти и нерегуларности, поради кои мнозинството граѓани стануваат нивни заложници, а земјата го губи имиџот“– овој заклучок на универзитетската професорка Тања Каракамишева во ланскиот извештај за напредокот на проектот на институционалниот одговор против нарушувањата на изборниот процес денес добива уште повеќе на актуелност.

Gericht und Oberstes Gericht in Skopje, Mazedonien
Основниот суд во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Осман Кадриу, професор по политички и уставен систем на ФОН универзитетот во Скопје, смета дека Македонија се компромитира. Во прв план тој посочува на одговорните државни органи од законодавната, извршната и судската власт. Кадриу предупредува на можноста од повторување на изборните нерегуларности, доколку не бидат санкционирани нерегуларностите од последните избори во случаите за кои што постојат јасни докази за такво нешто. Професорот по администрација и менаџмент на Државниот универзитет во Битола, Жидас Даскаловски е со сличен став. Бавното ефектуирање на постапките според него до некој степен ја компромитираат Македонија: „Тоа всушност укажува дека судството и органите на МВР ги процесуираат премногу бавно обвинителните акти и не доаѓаме до судска разрешница“. Даскаловски смета дека од посебна важност ќе бидат крајните резултати на судските процеси, односно, дали сторителите ќе бидат казнети и дали тоа ќе биде добар пример за сите оние што ќе сакаат во иднина да прават нерегуларности и неправилности - да не го прават тоа“.