Неопходни се реформи на судството и подобра клима за бизнис
12 ноември 2010Овие клучни сектори се главната кочница на економскиот развој што беа детектирани и во европскиот извештај за напредокот на земјата, не со негативна оценка, туку со забелешка дека во нивната реформа се стагнира. Европската бизнис асоцијација, во која членуваат клучните бизнис претставници од големите домашни и странски компании, генерално се задоволни од соработката со владата во делот на укинувањето на административни бариери, но бараат поголема ефикасност во клучните сектори:
„Главни прашања во иднина треба да бидат судството, но и подобрување на општата рамка за условите за водење бизнис, од што зависи економскиот развој и инвестициите. Оптимист сум дека ова заеднички можеме да го исполниме“, смета Гинтер Офнер претседател на Европската бизнис асоцијација во Македонија.
Вицепремиерот Владимир Пешевски, кој заедно со министерот за економија Фатмир Бесими беше гостин на годишното собрание на Асоцијацијата, признава дека судството е клучниот проблем на кој мора да се работи. Владата презела политика на спроведување на повеќе мерки за реформи во овој сектор. Тука, пред се‘, спаѓа новата академија за судии, но и заложбите за скратување на роковите во судските постапки.
Да се развијат малите и средни претпријатија
Евроамбасадорот Ерван Фуере пред членките на Европската бизнис асоцијација уште еднаш предупреди на потребата од ефикасна борба против рекордната невработеност од 32%, но треба да се стори нешто и за поголема поддршка на развојот на малите и средни бизниси во земјата:
„Реформите не треба да бидат насочени само за исполнување на критериумите за членство, туку уште поважно - за исполнување на очекувањата на граѓаните. Претстојат големи предизвици, но верувам дека земјата има капацитет за да одговори ефикасно. За тоа е потребна колективна заложба на сите фактори во земјата“, вели Фуере.
Бизнис заедницата во Македонија, покрај реформите во клучните административни сектори, бара и зголемување на инвестициите во инфраструктурата и гасификацијата, како еден од клучните услови за привлекување на странски инвеститори, но и подобрување на условите за домашните компании.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска