1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема преживеани во авионската несреќа во Турција

Angelovska, Nena30 ноември 2007

Нема преживеани во падот на турскиот авион што се урна во централна Турција. За сега не се познати ниту причните за несреќата која се случи само неколку минути пред слетувањето на авионот.

https://p.dw.com/p/CV2o
Авионот се урна кратко пред слетувањетоФотографија: AP

Ниту еден од 56 патници и членови на екипажот не го преживеа падот на авионот, кој се урна утринава во близина на турскиот град Испарта, во централна Турција. Спасувачките екипи кои дојдоа до местото на несреќата, не пронајдоа ниту еден преживеан, соопштија од турската авиокомпанија Атласџет Ерлајнс, за која возеше авионот од типот Мекдоналд даглас.


„Во авионот се наоѓаа 49 патника и седумчлена посада. Пред слетувањето немаше никакви знаци за можни технички проблеми или дефекти. И временските услови беа добри. Но, кратко пред слетувањето се загуби контактот со леталото,“ изјави Тунчаи Доганер од компанијата што нуди нискобуџетни летови.
Ваквите информации ги потврди и турскиот министер за транспорт Бинали Јилдирим „До кратко пред слетувањето во Испарта немаше никакви информации за проблеми. Пилотот јави во кулата дека е подготвен за слетување и дека ја гледа пистата. Кратко потоа се губи контактот и авионот паѓа. На местото на несреќата веднаш и испративме спасувачки екпи и истражители да ја пронајдат црната кутија. Се надевам дека со нивна анализа ќе го пронајдеме одговорот за причината за несреќата“.
Според првичните информации сите патници биле турски државјани. Авионот со 165 места, се урна рано утринава во планинскиот дел во централна Турција. Летал од Истанбул до Испарта. Се уште не се познати причините за несреќата, која се случила на 12 километри оддалеченост од аеродромот во Испарта.