1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема електронско гласање на претстојните избори

9 јануари 2009

Лидерите на политичките партии се договорија на наредните претседателски и локални избори да не се применува електронското гласање. Како можен термин за изборите го посочија 22. март.

https://p.dw.com/p/GVEY
Македонскиот претседател Бранко Црвенковски: за неговиот наследник нема да се гласа по електронски патФотографија: Macedonian Information Agency

На денешната лидерска средба постигната е согласност новиот систем на електронско гласање да се остави за некои од наредните избори. Иницијативата на владата наиде на отпор од опозицискиот СДСМ, чии претставници сметаат дека нема доволно време за воведување на новиот систем. Освен тоа во некои земји, каде што тој веќе се практикува, се покажале и недостатоци на системот. Сугестијата на СДСМ наиде на прифаќање од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, како и на претставниците од другите партии застапени на средбата.

Тие исто така се договорија за скорешно формирање Комисија за лустрација, која ќе се погрижи на наредните избори да не се појават кандидати кои биле соработници на тајните служби. Претседателството на Комисијата ќе се ротира секои шест месеци, а првиот претседател ќе го даде опозицијата.

Премиерот Никола Груевски по средбата најави дека неговата влада ќе ја прекине медиумската кампања во своја полза веднаш штом изборите ќе бидат и формално распишани. Владата ќе го стори тоа како џентлменски потег, иако не е законски обврзана на тоа.

Повеќе детали за заклучоците од средбата, во аудио-прилогот на Александар Чомовски.