1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нелсон Мандела се бори за живот

ЖА/дв/дпа/ртре24 јуни 2013

Здравствената состојба на Мандела веќе не е сериозна, туку критична, тој се наоѓа во највисока животна опасност, гласи најновата вест. Јужноафриканскиот екс-претседател од пред две недели е во болница во Преторија.

https://p.dw.com/p/18v2z
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мандела веќе 24 часа се наоѓа во животна опасност, соопшти јужноафриканското претседателство синоќа. Претседателот Јакоб Зума, претседателот на владејачката партија Африкански национален конгрес, Сирил Рамафоса и сопругата на Нелсон Мандела, Граса Махел, се сретнале во болницата за да разговараат за ситуацијата.

„Лекарите го прават она што е можно за подобрување на состојбата. Тој е во добри раце“, изјави Зума.

Минатата недела Зума и најблиските на Мандела соопштија извесно подобрување на болниот поранешен претседател. Мандела, кого во Јужна Африка го нарекуваат со традиционалното клановско име „Мадиба“, пред две недели беше примен во болницата во Преторија поради запаление на белите дробови. Во последните неколку месеци тој често мораше да биде стациониран.

Поради својата борба против апартхејдот, подоцнежниот добитник на Нобеловата награда за мир 27 години помина во затвор. Таму Мандела се разболе од туберкулоза, почеток на неговите постојани проблеми со белите дробови.

Од 1994 година Нелсон Мандела, како прв претседател на демократската Јужноафриканска Република, го трасираше патот за помирување на белците и црнците во неговата земја. Во 1999 година тој се повлече од функцијата шеф на државата, но до денес е почитуван како татко на модерна Јужна Африка. Неговиот последен јавен настап беше во 2010 година на финалето на Светското фудбалско првенство во Јоханесбург.