270910 Abbas Sarkozy
28 септември 2010Дванаесет часа по завршувањето на мораториумот за градење израелски доселенички населби, разговорот на францускиот претседател и неговиот палестински колега имаше особена тежина. Колку остро двајцата политичари ќе ги осудат израелските одлуки? Дали Махмуд Абас ќе ја искористи приликата за да им стави крај на блискоисточните преговори? Ништо од тоа. Пред новинарите излегоа двајца државници со умерени изјави. Никола Саркози рече:
„Се разбира дека жалиме што не се послушани апелите упатени до Израел за продолжување на забраната за градење населби. Забраната требаше и натаму да е во сила, за преговорите да имаат оптимална шанса. Пред претседателот Абас велам - изградбата на населбите мора да запре.“
Само пари не се доволни
Претседателот Абас најави советувања на владата на Палестинците, наредниот понеделник (04.10), а потоа разговори во рамките на Арапската лига. Сепак, лут е што израелските доселеници во окупираните подрачја повторно ги ставија во погон мешалките за бетон:
„Нетанјаху донесе одлука за десетмесечна забрана за градење, иако тогаш немаше преговори. Сега е важно таа забрана да се продолжи за три-четири месеци, време во кое ќе се одржуваат преговори. Тоа ќе го олесни процесот и ќе имаме време темелно да се зафатиме со важните прашања.“
И Саркози и Абас ја нагласија улогата на Европа на Блискиот Исток - ЕУ е најголемиот донатор на средства за палестинските автономни власти. Сепак, само пари не се доволни:
„Кратко формулирано - сакаме Франција и останатите не само да плаќаат, туку да бидат и активни. Зашто војната и мирот имаат непосредно влијание врз нив, како негативно, така и позитивно, и затоа мора да играат ефективна улога“, побара Абас.
Планот на Саркози
Никола Саркози како пример го наведе исламистичкиот терор во Франција - се‘ додека нема палестинска држава, извршителите на терористички дела ќе добиваат полет. Францускиот претседател наведе три термини за преговарачкиот процес да не заглави - телефонски разговор со израелскиот премиер Нетанјаху уште истиот ден, средба во Париз, на крајот на октомври, на Абас, Нетанјаху и на египетскиот претседател Мубарак во улога на шеф на Средоземноморската унија и конечно - средба на Средоземноморската унија во ноември. Притоа, Саркози не сака да ја намали улогата на Американците:
„Ништо нема да биде решено без силен ангажман на Американците. Но, дали само тие мора да се ангажираат? Да беше тоа доволно, тоа ќе го забележевме во изминатите десет години. Не се работи за тоа некој да ги замени незаменливите Американци, туку за тоа тие да не дејствуваат сами.“
Автор: Јоханес Духро / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска