1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незаконска миграција во ЕУ виа ЕУ

Катерина Блажевска23 јули 2013

Речиси три четвртини од сите откриени случаи на илегално минување низ Западен Балкан во 2012 година транзитирале преку Грција, велат податоците на Фронтекс. Македонија трпи штета поради пропустливоста на грчката граница.

https://p.dw.com/p/19CDo
Фотографија: AP

Македонија ќе биде под многу помал притисок на незаконски миграции, кога ЕУ би успеала да воспостави поефикасна контрола на границата меѓу Грција и Турција, од каде доаѓа најголемиот бран мигранти, кои преку балканските земји го продолжуваат патот кон ЕУ, велат експертите за безбедност.

На неодамнешниот неформален состанок на министрите за внатрешни работи од земјите членки на ЕУ во Вилнус, за овој проблем зборуваше и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

„Ние си поставивме цел да бидеме непремостлива пречка за илегалните мигранти кои доаѓаат главно од африканските и азиските држави, чија цел е да ја искористат Република Македонија како земја транзит на патот на т.н. 'балканско-западна рута' и да заминат во некоја западноевропска држава. Подготвени сме да бидеме дел од браникот на ЕУ, но нашата задача не е ни малку лесна, а ризиците за нашата земја само се мултиплицираат, ако без соодветен одговор продолжи овој бран од јужната граница кој се заканува да нé поплави", истакна Јанкуловска.

Grenzübergang Evros zwischen Griechenland und Türkei
Фотографија: picture-alliance/dpa

Грчкиот филтер" пропушта

По неколку последователни извештаи во кој е нотиран голем наплив на мигранти од Грција, претставник на Фронтекс, европската Агенција за заштита на надворешната граница на ЕУ, соопшти дека Грција има потреба од помош, бидејќи не може сама да се соочи со големиот проток на нелегални имигранти. Според податоците, во 2011 година биле спречени 57 илјади лица во обид нелегално да ја минат границата на Грција. Претходната година биле 1.000 помалку. Во 2012 година бранот на миграни не се намалува, туку бележи нагорен тренд, иако тимови на Фронтекс со свои патроли и техничка опрема им помагале на грчките власти во контролата на границите. ЕУ лани и одобрила на Грција 250 милиони евра за решавање на овој проблем, но Атина бара и се надева на повеќе. За поефикасно справување со бранот мигранти, Европскиот парламент се заложи за проширување на овластувањата на Фронтекс, со цел да има свои граничари и сопствена опрема - хеликоптери и возила, со што нема зависи толку многу од логистиката на земјите на ЕУ. Агенцијата, чие седиште е во Варшава, во најголем дел се финансира од ЕУ.

Македонија трпи штети

Griechenland Illegale Einwanderer in Internierungslager in Kyprinos
Фотографија: AP

Најголема штета од големата пропустливост на мигранти на грчката граница има Македонија. Иако македонското МВР за 44 отсто го зголемило процентот на откриени случаи на криумчарење мигранти, а повеќе од двојно на бројот на незаконски мигранти само од азиските и африканските земји, дел од нив преку граничниот „зелен појас" успеваат да го продолжат патот низ балканската рута. Митар Ѓурашковиќ, координатор на српската служба за борба против трговија со луѓе и прекуграничен криминал, за српските медиуми изјави дека „незаконските миграции практично одат од ЕУ кон ЕУ преку земјите на Западен Балкан". Оние што ќе бидат откриени во територијата на Србија и бараат азил со соодветни документи се упатуваат во азилантските центри во Бања Ковиљача, Боговаѓе и Врачевиќ, а другите се враќаат во Македонија.

Трпе Стојановски, директор на МАРРИ центарот (Migration, Asylum, Refugees Regional Initiative), укажува дека бројот на неевропски мигранти и натаму е во пораст.

„Според податоците на Фронтекс во 2012 година е забележано зголемување на случаите на илегална миграција во споредба со претходните години. Речиси три четвртини од сите откриени случаи на илегално минување низ Западен Балкан во 2012 транзитирале преку Грција. Во 2009 година тој однос изнесуваше 10 отсто", вели Стојановски. Мигрантите најмногу доаѓаат од Сирија, Мали, Авганистан, Пакистан, Брегот на слоновата коска, Алжир... Дел од нив се безбедносна и економска закана, поради криминалните облици кои ја следат нерегуларната миграција.

„Во регионот функционираат криминални групи составени од сторители од две или повеќе соседни земји, кои ги организираат илегалните преминувања преку граница. Формите на овој криминал често се комбинирани и со трговија со луѓе или корупција на службени лица, а интересот е да се оствари криминален профит", вели Стојановски. Тој потенцира дека за сузбивање на незаконската миграција неопходно е координирано дејствување меѓу соседните држави - билатералната соработка на стратегиско и оперативно ниво, заеднички оперативни центри заради брза размена на информации и мобилизација на државните потенцијали, заедничко патролирање по должината на границата, заеднички увид и откривање на сторителите на казненото дело и т.н.

Internierungslager in Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Затворена врата за соработка

Има ли Македонија ваква соработка со Грција, земјата од која доаѓа најголемиот бран мигранти? Иво Котевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, нема позитивен одговор на ова прашање.

„За жал, соработката со грчките колеги не е на соодветно ниво како со другите соседни полиции. Подготвени сме за соработка и сме се обраќале до грчкото МВР, но не сме наишле на отворена врата. Недостигот од волја за соработка резултира со притисок врз Македонија од се поголем број мигранти од азиски и африкански земји кои преку Грција влегуваат во земјава", вели Котевски.

Според податоците на МВР, од почетокот на годинава за пет и пол пати е зголемен бројот на регистрирани и згрижени мигранти во однос на минатата година. Колкав е бројот на оние кои успеале да го поминат зелениот граничен појас - може само да се претпоставува.