1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независната културна сцена во Македонија се обединува

Сузана Тодоровска-Павлоска20 мај 2012

Четиринаесет културни организации од независниот сектор во РМ формираат мрежа, која треба да ја промени свеста за значењето на независната културна сцена. Таа со години е во „сенка“ на доминатната институционална култура

https://p.dw.com/p/14yvD
Фотографија: NLshop/Fotolia

Платформата која има за цел да го зајакне независниот културен сектор во Македонија. „Сега ќе настапуваме организирано, здружени во мрежа на организации, поединци и неформални групи, што ќе се залага за поширока видливост и влијание на независниот културен сектор, децентрализација на културното производство, развој на алтернативните културни практики и за поддршка на културата на младите“, вели Искра Гешоска, претседател на „Јадро- Асоцијација на независната културна сцена“ и на здружението на граѓани „Контрапункт“.

„ЈАДРО има за цел да прерасне во про-активен учесник во социо-културните процеси и да придонесе во демократизацијата на општеството и на јавната сфера. Наша одговорност е да не дозволиме манипулација и карневализација на социо-културниот јавен простор“.

Mazedonien Land und Leute Flagge
ЈАДРО има за цел да прерасне во про-активен учесник во социо-културните процеси и да придонесе во демократизацијата, вели ГешоскаФотографија: Petr Stojanovski

Македонија - затворена културна средина

Независната културна сцена се обединува во миг кога се наоѓа на крстосница и кога во прашање се доведува нејзиниот опстанок. Во земјата не се препознава нејзиното значење, а оттука, не постои ни стратегија за нејзиното функционирање и развој. Причината за ова Гешоска ја гледа во монополизацијата – не само на политичките и економските ресурси ,туку и на културните.

„Тоа подразбира затворање на културата, гетоизација и елитизација. Јавниот културен простор се смета за луксуз, култ или област само за привилегираните. Министерството за култура ја презема улогата на главен арбитер и финансиер. Не постои реална децентрализација на моќ и дистрибуција на средствата“, вели Гешоска.

Независната културна сцена како критичар

Независната културна сцена во земјата ја градат голем број креативци, уметници, интелектуалци, граѓански организации и треба да понуди „алтернатива“ на постојната институционална културна сцена. Таа треба да биде нејзиниот коректор или контрапункт. Но, „како што културата во земјава не е од примарно значење, така и независната сцена е маргинализирана и сеуште не е воспоставен дијалог меѓу естаблишментот и граѓанскиот сектор“, вели Билјана Тануровска- Ќулавковски, извршен менаџер во „Локомотива“- Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Таа очекува со вмрежувањето на културните организации да се работи и на развојот на урбаната и современата култура во Скопје.

Biljana Tanurovska - Kjulavkovski
Билјана Тануровска- Ќулавковски, извршен менаџер во „Локомотива“- Центар за нови иницијативи во уметноста и културатаФотографија: DW

„Преку новите форми сакаме да понудиме и нови вредности-содржински, естетски, уметнички, социјални, нови модели на работа на една организација или институција. Една независна културна организација може да работи со различни финансиски извори, да вработи нови лица, да ангажира уметници итн. Но, во нашата држава културните институции се‘ уште работат по некој стар ’терк’. Промените треба да се воведат најмногу во делот на финансирањето на институциите.“

Финансирањето на проектите од независниот културен сектор главно е од европските фондови, но услов е истите веќе да бидат финансирани од државата од која доаѓаат.

За македонскиот уметник Јане Чаловски од Проектен простор „Press to еxit“, формирањето на ЈАДРО значи поквалитетна и критички издржана уметничка продукција.

„Очекувам обединување на сите креативни и напредни луѓе, подобрување на условите за работа и одржливост на независните културни практики, но и соработка со општествениот и приватниот сектор за култура“.