Незаборавниот Мајкл Џексон
„Кралот на попот“ почина пред пет години, на 50-годишна возраст. Фановите тагуваат до денес по музичарот, танчерот и шоуменот кој и‘ даде печат на цела една ера.
Вест што го шокираше светот
На 25 јуни 2009 година веста го обиколи светот - Мајкл Џексон, „Кралот на попот“, е мртов. Кратко пред тоа тој најави дека ќе се збогува од бината со својата тура „This Is It“. Џексон беше еден од најуспешните шоумени на сите времиња. Уште за време на животот продаде над 750 милиони плочи и беше добитник на 13 Греми-награди, највисокото признание на музичката бранша.
Несреќно детство
Мајкл Џозеф Џексон е роден на 29 август 1958 година во Гери (Индијана, САД) во црнечко гето. Со петте браќа и трите сестри е израснат во сиромашни услови. Во подоцнежните години се жалеше дека детството му било жртвувано за успех во шоу-бизнисот.
„The Jackson Five“
Таткото Џо Џексон уште од рани години ги терал со сета сила децата да станат ѕвезди. Мајкл на петгодишна возраст првпат застанува на бина со своите браќа Тито, Марлон, Ренди и Жермејн. Групата победува постојано на натпревари за таленти, а тоа, меѓу другото, е голема заслуга на Мајкл. Во 1969 година тие добиваат договор за снимање плоча во легендарната дискографска куќа „Мотаун“.
Пробив
Мајкл Џексон во 1982 година го објави својот соло албум „Thriller“ и го почна победничкиот поход во светот. Албумот е еден од најуспешните во музичката индустрија воопшто досега и благодарение на него Џексон стана „Крал на попот“. Продадени се повеќе од 108 милиони примероци. Албумот кој следуваше „Bad“ е продаден во 30 милиони примероци, додека „Dangerous“ во 15 милиони.
„Новиот“ Мајкл
„Кралот на попот“ се‘ повеќе се менуваше оптички. Својата прва естетска операција ја имаше во 1979 година, откако го скрши носот при една несреќа. Освен тоа, неговата кожа стануваше се‘ побела. Тој тврдеше дека е горд на својата црна боја на кожата, но дека страда од пигментално пореметување. Џексн се’ почесто носеше и маска на устата поради страв од заразни болести.
Недојдија
Во 1988 година Мајкл Џексон купи ранч во Калифорнија. Го крсти според татковината на Петар Пан - Недојдија (Неверленд) и во него изгради забавен парк, зоолошка градина и кино. Во Недојдија Џексон канеше болни деца или деца од социјално загрозени семејства, кои бесплатно можеа да се забавуваат во паркот.
Љубов или инсценација?
Во 1994 година „Кралот на попот“ се ожени за Лиза Мари Присли, ќерката на „Кралот на рокот“. Бракот траеше само 20 месеци. Постојано се шпекулираше дека тоа е само инсценација за медиумите. Присли подоцна изјави: „Бев апсолутно вљубена во него“. Но, како што рече, таа не сакала да биде „дел од неговата ПР-машинерија“. Дури и првиот бакнеж во јавност бил инсцениран од менаџерите на Џексон.
Конечно татко
По разводот, Мајкл се ожени со Деби Роу. Тој брак беше наводно деловен аранжман, затоа што Мајкл сакал деца. Роу го роди Принц Мајкл Први и Парис. Третото дете, Принц Мајкл Втори, според наводи на Џексон, има сурогат-мајка. Само тој имаше старателство за сите три деца.
На турнеја
Мајкл Џексон последен пат на светска турнеја беше во 1996/97 година. Со „HIStory“ настапи во 58 градови, пред повеќе од 4,5 милиони фанови. Тоа беше надоврзување на неговите големи успеси од 1980-тите. Легендарниот „Moonwalk“-чекор се‘ уште го владееше перфектно.
Тешки обвинувања
Обвинувања за злоставување деца против Мајкл Џекосн имаше уште во 1994 година. По милионски износ што го доби семејството на едно дете немаше судски процес. Во 2003 година повторно имаше обвиненија. Џексон беше ослободен од обвиненијата, но неговиот имиџ беше уништен. При напуштањето на судската зграда со мајка му Кетрин, тој остави впечаток на скршен човек, и физички и психички.
Планираниот камбек
Мајкл Џексон во 2009 година изненадувачки најави свој камбек - продажбата на картите за шоуто „This Is It“ ги надмина сите очекувања. Сепак, имаше големи сомневања во тоа дали Џексон ќе успее да ги издржи телесно закажаните насапи. На 25 јуни 2009 година, 18 дена пред првото шоу во Лос Анџелес, стигна веста за смртта на „Кралот на попот“.
На обвинителна клупа
Судската истрага покажа дека Џексон починал како последица на прекумерна доза на средството за наркоза Пропофол, кое му го дал неговиот личен лекар Конрад Мареј, поради големи проблеми со спиењето. Лекарот во 2010 година беше прогласен за виновен за убиство без предумисла, а во ноември 2011 година доби четири години затвор. Тој во 2013 година беше предвреме ослободен поради добро поведение.
Погреб како медиумски спектакл
На 7 јули 2009 година во Лос Анџелес се одржа комеморација за Мајкл Џексон. Покрај големиот број познати личности, присунти беа и околу 18.000 фанови и 2.000 репортери. Околу една милијарда луѓе ширум светот гледаа директен пренос од комеморацијата. „Кралот на попот“ беше закопан во златен ковчег.
Наследници
На своите деца Принц Мајкл Први, Парис и Принц Мајкл Втори (не е на фотографијата) „Џеко“ им остави наследство тешко милијарди долари. Од тоа, 20% одат за хуманитарни цели. Џексон уште додека беше жив имаше донирано над 300 милиони долари за добротворни цели и имаше своја фондација „Heal The World“. За својот ангажман дури беше два пати номиниран и за Нобелова награда за мир.
Постхумна кариера
Постхумно се објавени два албума на „Кралот на попот“. Според американскиот магазин „Форбс“, со она што остана зад Мајкл Џексон заработени се околу една милијарда долари по неговата смрт. Фановите и на оваа годишнина од смртта на Џексон го посетуваат неговиот гроб. „Кралот на попот“ е незаборавен.