1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неефикасната администрација сопирачка за влез во ЕУ

Свето Тоевски28 ноември 2007

Долгите редици пред шалтерите и неефикасноста на администрацијата се дел од реалноста во Макеоднија поради што земјатта доби и предупредување од ЕУ. Јавната админситрација инаку треба да им служи на граѓаните.

https://p.dw.com/p/CU4y
Колку ефикасно граѓаните можат да ги исполнат административните работи?Фотографија: Petar Stojanovski

Долги редици пред административните служби во даночните управи, но и пред одделите на локалните самоуправи. Шалтерите честопати залепени со непровидна хартија, за да не можат здодевните граѓани да му го расипуваат мирот на неговото височество – чиновникот, на административниот службеник. Ова е само дел од општествената реалност во земјата, поради која Македонија доби предупредување од Европската унија дека со ваква јавна администрација се уште не може да се добие билет за возот што води кон Европа.

Дојче Веле ги праша народните правобранители – омбудсманите: Какво беше однесувањето на административците кон граѓаните годинава? Марина Обадиќ е заменик народен правобранител за тетовско – гостиварскиот регион„Во текот на 2007 година досега се примени 1060 граѓани, кои се обратиле и побарале наша интервенција и помош. Граѓаните се жалат во повеќе области. Особено е карактеристична областа на денационализацијата, каде по поднесените барања со години не се решаваат случаите“.

Општина Тетово со незаконски акти ги крши правата на граѓаните

Локалната самоуправа во Тетово, дури, го крши и законот, газејќи ги правата на граѓаните. Обадиќ дополнува„Со локалната администрација и народниот правобранител има судир во поглед на неиздавање барани документи од граѓани од општина, од причина што е донесен еден акт од страна на градоначалникот, кој е всушност, незаконски и со кој се забранува издавање каков било баран документ од општинските власти, односно, органи, ако граѓанинот, кој се обраќа, има неплатени сметки за вода од постар датум“

Еве што вели Уранија Пировска, портпаролот на правобранителот на ниво на целата земја „Во периодот од 01.01. до 30.9.2007 година во канцеларијата на народниот правобранител се примени 2227 претставки, кои се однесуваат, генерално, на работата на јавната администрација. Како и секоја година, најголем број претставки, кои ги поднесуваат граѓаните, се однесуваат на правосудството, по што следат работните односи и имотно – правните односи.“

Пировска го пренесува и следниот став на македонскиот омбудсман „Јавната администрација треба да знае дека претставува сервис за граѓаните, а не обратно, и дека треба, во секој случај, да има сенс за правата на граѓаните“.

Администрацијата - полигон за вработување на партиски послушници?

Деканот на Факултетот за јавна администрација на Штуловиот универзитет во Тетово Етем Азири констатира дека во земјата се уште нема професионална и одговорна администрација и дополнува критички „ Лошто е што на политичките партии, на сите политички партии, на некој начин администрацијата им служи како полигон за вработување. Некогаш тие успеваат да најдат вистински кадри, но, честопати тука ја утнуваат работата“.

Schalter in London
Јавната администрација треба да им служи на граѓанитеФотографија: bilderbox

Печатените медиуми во земјата го пренесуваат мислењето на професорот по управно право Борче Давитковски, дека наместо систем за конкурс и работни места е неопходно да се воведе систем на кариера во јавната администрација, со цел да се спречи со секое менување на власта да се примаат нови партиски војници и послушници и да не се дозволи докажано способните да бидат деградирани.

Според професор Ана Данева – Павловска, потребно е да се донесе нов закон за државни службеници со целосно нов систем на вработување и напредување во државната администрација.

Професорот Јонуз Абдулаи од Факултетот за јавна администрација на Штуловиот универзитет во Тетово во овој контекст додава„Понатаму е потребно зајакнување на Агенцијата за државни службеници во Република Македонија. Особено, да се обезбеди дека може да игра целосна улога во проценката на перформансите на државните службеници, како и во дисциплинските постапки“

Македонската Влада најави дека ќе ангажира педесеттина студенти со познавања од јавната администрација, кои ќе добијат задача како „тајни клиенти“да ја оценуваат работата на јавните службеници. Владата смета дека на тој начин ќе бидат согледани слабите точки и оти ќе можат да се пресемат соодветни активности за унапредувањето на работата на административците.