1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невозможната мисија на Строс-Кан во Србија

Немања Рујевиќ/Б. Георгиевски19 септември 2013

Советник со светско име, но без волшебно стапче. Експертите го гледаат Строс-Кан или како украс за реконструираната влада, или како човек кој со својот авторитет ќе советува неопходни реформи и ќе биде лобист на Србија

https://p.dw.com/p/19kcQ
Фотографија: Reuters

Доминик Строс-Кан, како што и самиот рече во Белград, нема волшебно стапче. И да го има тешко дека набрзина би можел да ја доведе во ред економијата која се дави во долгови, во земја во која секој трет е невработен, има повеќе пензионери од вработени, а дури и оние кои работат одвај врзуваат крај со крај со плата од 400 евра. Билјана Степановиќ од магазинот „Нова економија“ вели дека Строс-Кан не може да измисли нешто ново во економската наука.

„Не знам колку тој може да помогне, но сигурно не може да одмогне“, вели Степановиќ.

Од новиот советник на српската влада треба да се очекуваат познати решенија зад кои сега ќе стои неговиот авторитет и силните референци, вели професорот на Факултетот за економија, Михајло Црнобрња. Тој очекува дека поголемиот дел од решенијата ќе се однесуваат на заштедите кои веќе со години ги советува ММФ.

„Како некој кој е школуван во странство, немам ништо против странска памет. Но кај нас не е проблемот во недостатокот на квалитетни економисти. Кај нас е проблем во имплементацијата, а советниците не можат да имплементираат, туку само да советуваат. Останува да видиме колку владата ќе биде способна да го имплементира она што тој ќе го предложи“, вели Црнобрња.

Шминка на владата или полза за граѓаните?

Познавачите велат дека улогата на Строс-Кан ја гледаат на три начини. Првиот е како обична шминка.

„Тоа е политичка игра и претставување на владата во најдобро можно светло, за граѓаните да видат дека таа се грижи за нив, во смисол дека секогаш ги бира најдобрите решенија за нив“, смета Црнобрња. Степановиќ, пак смета дека францускиот стручњак ќе биде некој вид „чадор“ за непопуларните, но неопходни мерки кои ќе следат. Третото толкување е она според кое Строс-Кан е човек со „дебел“ телефонски именик и силни врски во светот.

Dominique Strauss-Kahn in Serbien 17.09.2013
Доминик Строс-Кан, српскиот вицепремиер Александар Вучиќ и министерот за финансии Лазар КрстиќФотографија: Reuters

Црнобрња вели дека без разлика на неговата официјална функција, Строс-Кан ќе биде корисен и за поврзување на Србија со странските агенции и одредени влади. Но, од тој аспект се поставува дилемата колку време тој ќе и‘ посвети на Србија, имајќи предвид дека има и други ангажмани, а првичниот договор е тој да работи само три месеци и тоа бесплатно. Токму тоа не и‘ се допаѓа на Билјана Степановиќ, која смета дека советникот мора да биде платен од буџетот.

„Демагогија е дека Србија нема пари за Строс-Кан. Повеќе вреди еден човек кој ја знае работата и има светски контакти. Него можете да го плаќате и 20 и 30 илјади евра месечно. Тој е повреден од сите чиновници, нивните службени автомобили, возачи, секретарки и сите други агенции за кои сите знаеме дека постојат, а никој не знае што работат“, заклучува Степановиќ.