1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невладиниот сектор – мост меѓу Македонија и Грција

Милчо Јованоски25 мај 2012

Наспроти официјалната политика меѓу Македонија и Грција, младите од двете страни на границата испраќаат позитивни сигнали за соработка. Чекор напред прават УНЕСКО-клубовите.

https://p.dw.com/p/152BQ
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Во Охрид деновиве се одржа третата младинска конференција „Заеднички визии“ на која се дискутираше и за соработката меѓу клубовите на УНЕСКО. Меѓу панелистите беше и Бабис Папајоану од Грција, еден од најголемите и најактивните познавачи на младинските политики во Грција, регионот и ЕУ . Основач е на УНЕСКО младинскиот клуб во Солун, оценет како еден од најуспешните во Европа.

Наша главна цел во овие тешки времиња на Балканот е на младите да им ги доближиме вредностите на УНЕСКО. Младите имаат исти желби и потреби, вели Папајоану:

„Досега сме немале реална соработка со македонски клуб. Но сме имале партнерска соработка со организации од Скопје и Крушево. Можеби поради тоа што УНЕСКО клубовите во Грција и Македонија ги немаат истите приоритети. Се надевам дека по оваа конференција во Охрид конечно ќе се воспостават врските“.

Не‘ дели само една граница – имаме иста визија

Папајоану не негира дека ако се остави политиката настрана можно е за кусо време да следува на пример побогата културна соработка меѓу двете земји:

„Без разлика на тоа што се случува ние мора да соработуваме. Јас не сум претставник на владата, ниту министер за надворешни работи, туку обичен граѓанин, претставник на невладина организација и не би доаѓал ако не верувам во идна соработка. Само така би се надминале тешките моменти меѓу двете земји. Имаме заеднички цели со на пример УНЕСКО клубот во Охрид и останатите. Не‘ дели само една граница и би требало заеднички да ги оствариме визиите“.

Babis Papajoanu UNESCO Jugendclubs in Thessaloniki
Бабис ПапајоануФотографија: DW

Организаторот на конференцијата, Институтот за развој на заедницата од Тетово ни предочи дека во периодот 2005. и 2006. како директор на програма на ЕУ, Бабис соработувал со Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование на Република Македонија.

„Беше тоа интересна работа. Тие две години ми го променија животот. Не само што воспоставив многу добри партнерства и бев креативен, туку стекнав и многу пријатели со кои се гледав и со задоволство доаѓам да ги посетам. Во тоа време го помагавме и финансиравме Младинскиот парламент, го поттикнувавме дијалогот за градење на Националната младинска стратегија, покренавме голема капања и тренинг за новинарите како да известуваат за младинските политики“.

Кризата ги збуни младите кои трагаат по излезни решенија

Кризата долго ја демне Европа. Во Грција најмногу се засегнати младите и тие се плашат од незвесноста и бараат излез, вели Папајоану:

„Постојат две причини кои ги оптоваруваат младите. Првата е бидејќи го паметат периодот на благосостојба од пред околу пет години. Втората е дека не гледаат во догледно време подобрување на лошата состојба. Се‘ им изгледа нерешливо и тешко ја прифаќаат реалноста околу нив. Но, има нешто позитивно. Многу млади луѓе коишто живеат во големите градови се враќаат во своите родни места и села и започнуваат да се занимаваат со земјоделство, отвораат локални компании, туризам и други бизниси. Околу еден милион и пол млади Грци презедоа вакви чекори. Другите кои имаат дипломи и добри искуства без мислење ја напуштаат Грција и ја бараат среќата во некоја друга ветена земја“.

UNESCO United Nations Educational, Scientific and Cultural Organization Logo

Никој не бил против што сум Грк

Кога националната определба Грк или Македонец ќе се остави настрана, Бабис ни објасна што го воодушевува во Македонија?

„Имаме слична музика, храна. Ова е мала земја и не треба долго да се патува од место до место. Има прекрасни предели, шуми и езера. И тоа е нешто што ме привлекува. Се‘ е на дофат на раката. Сметам дека овдешните луѓе се далеку посредечни и попријатни кон странците за разлика од Грците“.

Папајоану со новите познаници комуницираше на англиски. Но забележавме дека тој разбира по некој македонски збор, па го прашавме: чувствувате ли некогаш некоја одбојност од луѓето во Македонија бидејќи сте Грк?

„Не, не. Каде и да одам секогаш сум прифатен и пријатно пречекан и немам негативни искуства“.