1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невесел Божик во Грција

Дафне Гратвол / Жана Ацеска24 декември 2012

Украсени станови, добро јадење и многу подароци за децата - тоа и во Грција спаѓа во одбележувањето на Божик. Но, економската криза годинава ги принуди Грците на поскромна прослава на празникот.

https://p.dw.com/p/178QA
Фотографија: DW/D.Grathwohl

На главната трговска улица Глифада во Атина се наредени едно по друго ексклузивни кафулиња, продавници со висока мода со божиќно украсени излози. Но, продавниците зјаат празни, годинава немаше голема навалица на купувачи.

И декорациите на становите се поскромни, како и празничната трпеза:

„Јас сум без работа, на сопругот му ја намалија пензијата на половина. Не можеме дури ни на внуците да им купиме подароци, оваа година ќе го заборавиме Божик“, револтирана е една постара жена.

Подароци од Свети Василиј

Во Грција подароци главно добиваат децата. Оние кои вечерта на Божик пеат „Каланта“, добиваат пари и колачи. На Божик семејството се собира на трпеза и го слави раѓањето на Исус. Подароците ги носи Свети Василиј, традиционално во Новогодишната ноќ. Но, се одомаќинуваат и некои обичаи  од другите земји - многу украси и елки често се од пластика.

Bildergalerie Krise Griechenland
Нема пари за подароциФотографија: DW/D.Grathwohl

И Грците ги зафаќа купувачка треска пред Божик, но браншата за детски играчки очекува намален промет за десет проценти во однос на лани, известува весникот Катимерини.

Разгледување, но не и купување

Многумина сега имаат многу повеќе време за шетање од порано, невработеноста според синдикатите е близу 24 насто. Во приватниот сектор, според пресметките на Националната банка, дури секој трет е без работа. Но, нема пари. Од 2010. година досега платите се намалени за една третина.

На централната пешачка зона, плоштадот Синтагма, владее раздвиженост. Божиќните декорации светкаат од излозите. Покрај многу производи трговците истакнале натписи - „Вистинска кожа, произведено во Грција“. Но, и овој обид за поттик на купувањето домашни производи не успева.

Зачувување на божиќната традиција

На плоштадот пред црквата минувачите можат да се напијат салеп, ароматичен, врел пијалок од корен на орхидеи со цимет и шеќер, кој одлично одговара со грчките божиќни колачи.

Salepi Verkäufer in Athen Griechenland Straße
Продавачи на салеп во АтинаФотографија: DW/D. Grathwohl

Дел од традицијата е и украсувањето на домовите и подароци за децата, вели Димитрос Катифелис. Тој држи продавница со сезонски декорации. Таа сега е полна со Дедо Мразовци, ангели, адвентски календари, ѕвончиња и други украси. Кога го аранжирал излогот, уште во октомври, многумина минувачи се радувале и го фалеле: „Браво, конечно нешто весело, убаво, што ќе ни го растера нерасположението“.

Подароци за пет евра

Грците имаат обичај богато да слават Велигден, свадби, крштевки, а исто така и Божик. Се разменуваат подароци и честитки, вели Катифелис. Но, тој се прашува - дали оваа традиција ќе изумре во кризата? Бабите и дедовците, чија најголема радост е да им подарат нешто на внуците, имаат само уште по 400 евра пензија:

Bildergalerie Krise Griechenland
Фотографија: DW/D.Grathwohl

„Тие влегуваат овде, велат дека се‘ им се допаѓа, но пензијата им е мала, па бараат некој подарок кој чини помалку - пет, седум или десет евра“, раскажува Катифелис.

Но, Грците сега и самите меѓусебно си го отежнуваат животот, вели продавачот:

„Секој ден има понекој штрајк, секој ден се затвораат улиците. Тоа е голем проблем. Зашто, поради блокирани улици никој не доаѓа да купува в град“. Тој има разбирање за демонстрантите, но мора да се грижи за прометот во својата продавница. А тој, кога воздухот надвор е полн со солзавец, е на дното.

Неколку чекори понатаму постара жена продава печена пченка и разговара со еден познаник. Божиќни подароци за внуците? Таа не може тоа да си го дозволи, парите не и‘ стигнуваат ниту за живот:

„Децата ќе добијат само чоколада, одамна нема за повеќе.“