1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На обвинетите од „Змиско око“ неоправдано им бил продолжен притворот

28 октомври 2010

Европскиот суд за човекови права ја соопшти пресудата по предметот „Василковски и 37 други против РМ“, според која прекршен е член 5 став 3 – правото на слобода и сигурност од Европската конвенција за човекови права.

https://p.dw.com/p/Pr7A
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: DW/ Daphne Grathwohl

Никола Василковски и 37 други жалители во мај 2008 поднесоа жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во која тврдат дека биле неправедно затворени, без доволен и конкретен мотив и дека немале ефективна можност да се жалат.

Инаку, сите тие се дел од вработените на наплатните патни станици во Македонија кои беа приведени во акцијата „Змиско око“, во ноември 2007, со обвинение дека затаиле 5 милиони евра на приходи.

Откако биле сослушани од судија, при што им беше одредена мерка притвор на 20 и 27 ноември 2007, нивното притворање беше образложено со одредби од Законот за кривична постапка, односно опасност од бегање, или пак, попречување на истрагата. Судијата се повика и на фактот дека тие делувале како организирана група и дека направиле тешки дела за кои ризикуваа тешка казна ако бидат прогласени за виновни.

Притворот на жалителите бил продолжен повеќепати во декември 2007 и март 2008 година. Некои од нив напразно се жалеле за да ги оспорат овие мерки. Во одбивањето на жалбите судовите секогаш давале како објаснување опасност од бегство, и се повикувале на тежината на обвиненителниот акт. Тие беа ослободени непосредно пред судењето, во април 2008. Осудени се како виновни во ноември 2008. Апелациониот суд ја поништи одлуката и побара ново судење. Процедурата по овој предмет се‘ уште е во тек во Македонија.

Жалба во Стразбур

Kroatien Slowenien Land und Leute Grenze Autobahn Zagreb Maribor
Вработени на наплатните станици беа приведени во ноември 2007 година, со обвинение дека затаиле 5 милиони евраФотографија: Ognjen Alujevic

Пресудата на Европскиот суд од Стразбур е донесена едногласно од сите седум судии, кои заклучија дека во овој предмет е прекршен членот 5 став 3 – правото на слобода и сигурност од Европската конвенција за човекови права. Односно,се вели дека продолжувањето на притворот било неправедно и без оправдување, бидејќи само сомневањата не се доволни.

Европската конвенција е јасна: „Секој кој е лишен од слобода или притворен согласно одредбите од ставот 1 в. од овој член, навремено ќе бидат изведен пред судија или друго службено лице овластено со закон да ја врши судската власт, ќе има право да му биде судено во разумен рок или да биде пуштен(а) на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со барање на гаранција дека лицето ќе се појави на судењето.“

Неправедно е задржувањето во продолжен притвор без конкретни образоложенија

Судот од Стразбур смета дека македонските судови не навеле ништо специфично во однесувањето на жалителите што можело да покаже дека тие имале намера да побегнат доколку бидат ослободени. Исто така, тие не навеле зошто не биле предложени други решенија за лишување од слобода, потоа не била разгледана поединечно ситуацијата на никој од жалителите и одлуките за продолжување на притворот биле колективни за сите.

На жалителите, Македонија треба да им исплати 2000 евра за трошоци. Инаку, Судот од Стразбур воопшто не расправаше за основата на предметот и обвинението кое е подигнато против лицата од акцијата „Змиско око“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска