1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Ирак му е потребна помошта на Западот

Рајнер Золих / превод: ЕМФ13 јуни 2014

Европа не смее со скрстени раце да го набљудува напредувањето на џихадистите во Ирак и тоа поради себеси. Нашата безбедност се брани и во Мосул, коментира Рајнер Золих.

https://p.dw.com/p/1CHmt
Фотографија: DW/P. Henriksen

„Нашата безбедност се брани на Хиндукуш“, рече еднаш поранешниот германски министер за одбрана Петер Штрук. Тогаш требаше да се оправда мисијата на германските и другите западни војници во Авганистан. До денес е спорно дали таа мисија беше неуспешна или делумно успешна, со оглед на тоа што талибанците и Ал Каеда беа барем привремено ослабнати. Меѓутоа, анализата на заканите останува на сила и важи не само за Хиндукуш.

Денес мора да признаеме - безбедноста на Европа е загрозена во Мосул, Тикрит и Рамади. Еден по еден ирачките градови во изминатите денови речиси без отпор паѓаа во рацете на радикалните џихадисти. Борците на огранокот на Ал Каеда „Исламска држава во Ирак и Левант“ (ИДИЛ) веќе го имаат во визир и главниот град Багдад. Стотици илјади луѓе во паника бегаа од Мосул и околината за да избегнат терор под маска на верата. Тие го зголемија бројот на воени бегалци во тој регион. Тие одат од земја во земја, или од регион во регион, или бараат заштита некаде во соседна Европа.

Државен терор е неприфатлив

Поради очекуваниот отпор на шиитската и курдската милиција во градовите со помалку сунити, тешко може да се замисли дека џихадистите во догледно време ќе го освојат цел Ирак. Соседните држави или други актери во регионот, како Иран, Турција и Израел, не би посматрале вакво сценарио без да преземат нешто. Но Ирак повторно е соочен со опасноста да потоне во бескрајна спирала на насилство и терор и конечно да се распадне. Во делови на Ирак и во соседна Сирија светот тогаш можеби би бил соочен со до заби вооружена „калифатска држава“ на сунитски екстремисти, која брзо би можела да се развие во омилено место за воена обука на џихадисти од цел свет.

Светот не смее да дозволи етаблирање на таква терористичка држава. Ирачаните во таква опасна ситуација имаат право на наша помош и солидарност, особено затоа што таква држава би била перманентна опасност токму за Европа. Веќе сега ИДИЛ, покрај сунитски екстремисти од арапските и азиските земји, во своите редови има и борци од Европа. И лицето осомничено за убиство на тројца во Еврејскиот музеј во Брисел, се борело за ИДИЛ во Сирија.

Но што воопшто може да стори Западот, со оглед на комплексноста на ситуацијата на терен? Директна воена интервенција засега е исклучена, пред се‘ поради горчливото искуство на САД со нивната меѓународноправно контроверзна воена интервенција во Ирак. Таква опција би дошла предвид можеби единствено како последна кочница. Западот треба да му одолее и на искушението да се приклучи на заедницата на интереси со сирискиот диктатор Башар ал-Асад, кој е еден од главните противници на ИДИЛ. Асад не е ни малку подобар од сунитските џихадисти, дури и ако тој на своите противници не им сече глави по наводно исламски правила, туку ги тероризира со бомбашки напади.

Потребна е не само воена помош

Наместо тоа, потребна е пред се‘ воена помош, што САД веќе ја ветија. Против тероризмот е потребна борба со сила, тоа е неизбежно. Но не смее да се остане на тоа. Секоја помош за ирачката влада мора да е поврзана со политички услови. Шиитскиот премиер Нури ал-Малики со голем притисок мора да биде принуден да не го маргинализира сунитското малцинство во својата земја при распределбата на економските ресурси и политичката моќ. Новите воени успеси на џихадистите се тешко замисливи без, макар скриена, поддршка од припадниците на сунитското малцинство кои се запоставени во Ирак.

Западот треба да врши притисок и врз наводно „лојалните“ сојузници, како Саудиска Арабија и други земји во Заливот. Зашто токму во тие „партнерски“ земји седат спонзорите на ИДИЛ и компанија и натаму безобѕирно ги подгреваат конфликтите меѓу шиитите и сунитите.