1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На заем и свеќи во црква

Свето Тоевски14 април 2012

Македонците од православна вероисповед ги одбележуваат велигденските празници во услови на се поостра социоекономска криза, која во значителна мерка се одразува и врз исполнувањето на традициите и обичаите.

https://p.dw.com/p/14dwv
Фотографија: DW

Кога во продавниците килограм јагнешко месо надминува 400 денари, а една табла со јајца има цена од 200 до 250 денари, многумина ги пребројуваат парите во своите џепови и се впуштаат во потрага - каде има поефтино. За традиционалното вапсање се купуваа поситни јајца, кои чинат помалку. Наместо јагнешко, повеќемина се решија за други видови месо во количество за колку што имаат пари. Оние што се корисници на социјална помош - стечајци, технолошки вишоци, невработени, сите тие Велигден го празнуваат со скромни трпези во своите домови.

Татјана Стојаноска, експерт за социологија на религијата од Институтот за социологија на Државниот универзитет во Скопје, укажува на една противречност.

Tatjana Stojanoska Soziologin Skopje
Универзитетскиот професор Татијана СтојаноскаФотографија: DW

„Моментната состојба во Македонија се карактеризира со енормен степен на невработеност и сиромаштија, кои го тиштат народот. Верата со психолошката функција која ја има му нуди на народот надеж, можност дека ’ќе има подобро утре’. Религијата има и своја компензациона функција, според која ’секогаш доброто ќе исплива на површина’. Но, од друга страна економската состојба и сиромаштијата придонесоа да се намалат, или на некој начин можеби да се видоизменат тие традиционални обележја, кои се поврзани со религиските практики. Колку и да сака верникот да ги оствари тие религиски практики, не е секогаш во можност тоа да го прави, особено кога тоа подразбира поголеми материјални трошоци. Тоа предизвикува постепено одалечување од традициите. Верниците ги редуцираат и повикувањата на свештените лица во своите домови, заради нивно осветување. Дефинитивно, се намалуваат традиционалните чествувања, кои се поврзани со религиските ритуали“, забележува професорката Стојаноска.

Ратомир Гроздановски, професор на Православниот богословски факултет на истиот универзитет во Скопје, укажува дека „пазарот е скап и немилосрден“.

„Таму е највидлива немаштијата на луѓето. Народецот знае да урамнотежи меѓу кризата и празникот, па ќе купи половина од јајцата и од месото, за да одговори и на кризата и на празникот. Но, тешко е и мачно е. Најважно е да не се расипе расположението на народот и да не се посрами празникот“, вели професорот Гроздановски.

Mazedonien Ostern 2012
Обичај децата за здравје да се протнуваат под плаштаницата - маса покриена со платно што го симболизира христовиот гробФотографија: DW

„Оние што немаат постат и принудно“

Дојче веле регистрираше искажувања на дел од Македонците од православна вероисповед од Тетово.

Димче Андоновски, невработен, вели: „Се посиромашно и посиромашно е. Луѓето доаѓаат во црква да запалат свеќа, но наместо оние од 10 денари ги одбираат од 5 и 2 денара. Се случува да земат свеќи и на заем, бидејќи во тој момент немаат пари. Сепак, не остануваат должни и плаќаат кога ќе имаат пари. Поголем дел од народот пости за Велигден, но има дел што постат и принудно! Штом немаат за јадење - ќе постат!“

Наталија Радевска, пензионерка, истакнува: „Некој сака да дојде во црква, ама нема за свеќа да запали. Се гледа и дека луѓето помалку пари оставаат на иконите. И да се нема – ќе се остави нешто. Било колку, едно денарче да е – ќе се остави. Но, сепак, повеќемина оставаат по 10 денари. Јас имам мала пензија. Порано сум купувала две табли со јајца – сега само една. Сега е се скапо на пазарот. Од се намалувам и купувам по половина, ама на маса ќе приставам. Велигден си останува и ќе се празнува, но намалено“.

Надежда Савевска, исто така, пензионерка, дополнува: „Народот порано имал за Велигден побогати, пообилни трпези, повеќе штедел. Луѓето се труделе за тој ден да биде поубаво, да има од се’. А сега – кој како. Има луѓе кои на икона ќе стават само еден или два денара, колку да го посетат светецот“.

Ostereier
Македонците немаат доволно пари, но се обидуваат да ја задржат традицијатаФотографија: Fotolia/realjuju

Зоран Бошковски, зограф од Тетово, напоменува: „Цел живот сме го преживеале, да не речам во сиромаштија, во криза – живот од денес за утре, меѓутоа фала на Господа ни дал да сме живи и здрави и да можеме да работиме, да создаваме. Очигледно е дека луѓето се помалку можат да си дозволат раскошни велигденски празнувања“.

Во овој котекст д-р Гроздановски нагласува: „Нашиот народ низ историјата немал и страдал, но на Бога не заборавал и Велигден го прославувал. Може немал пред тоа и потоа, но за Велигден имал. И знаел да се радува на она што го имал и колку што имал, молејќи го Бога за подобро и за повеќе. Македонскиот народ, пак, и кога го удира кризата, и кога е со поистенчени приходи, не паѓа со духот и празникот го празнува со несмалена радост. Најсреќен е оној човек што знае и со малку, а секој може со многу. А такви сме ние Македонците - умееме и со малку, а знаеме и со многу“.

Мирјана Мирчевска, професорка во Институтот за етнологија и антропологија во Државниот универзитет во Скопје, има став дека кризата не влијае на празнувањето.

„Ако зборуваме за Македонија, за Скопје особено, не би рекла дека кризата видливо влијае врз било какво празнување, па и врз велигденското. Секако, сиромаштијата влијае врз количината и видот на храната, но кога е Велигден во прашање, секој одвојува за побогата трпеза, колку што се неговите можности. Освен со религиски, црковни елементи, Велигденските празнувања во Македонија се проследени и со други современи, денешни начини на славење. Се забележува одредена ретрадиционализација во празнувањата, обид за враќање на некогашните начини на славење, со поголема масовност“, заклучува професорката Мирчевска.