1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На германските фирми им се потребни странци менаџери

Андреас Григо / Елизабета Милошевска Фиданоска11 март 2013

Европскиот автопазар стагнира, добивките доаѓаат пред се‘ од Северна Америка и Кина. Не е само автобраншата таа што има потреба од менаџери со познавање на странските пазари. Тоа им е потребно на многу германски фирми.

https://p.dw.com/p/17uZu
Фотографија: picture-alliance/Robert B. Fishman

Нешто мора да се промени, и тоа брзо! Така отприлика може да се протолкуваат последните најави од Дајмлер во врска со персоналната политика: „Ќе има повеќе проекти надвор од Германија отколку досега и со повеќе странски партнери“, најави шефот на персоналното одделение во Дајмлер, Вилфрид Порт. Поради тоа, интерната програма за подмладок во раководството на концернот се проширува. Годишно се обучуваат до 500 млади менаџери. Притоа, намерата е бројот на лица со странско потекло кои се обучуваат за менаџери да се зголеми од една третина, на една половина од вкупниот број посетители на обуката. Меѓутоа, се‘ уште не е прецизирано кога тој број треба да биде достигнат и кои менаџерски позиции подоцна овие луѓе би требало да ги заземат.

За набљудувачите во браншата ваквите промени се итно неопходни. За индустријата во моментов се успешни пред се‘ пазарите преку океанот, во Северна Америка и Кина. Автомобилскиот бизнис во Европа стагнира со години.

Каскање

За разлика од конкуренцијата, Дајмлер ги пропушти важните трендови, вели Штефан Брацел, раководител на Центарот за аутомотивен менаџмент во Бергиш Гладбах. Тоа се однесува и на оптималното прилагодување на дадени региони. „Потребни се соработници кои го познаваат дадениот регион, кои подобро го разбираат пазарот и неговите особености.“

Stefan Bratzel Fachhochschule der Wirtschaft (FHDW) Center of Automotive Management
Штефан БрацелФотографија: Center of Automotive Management

Брецел како конкретен пример го наведува Бразил, голема земја со многу различни географски региони и делумно многу лоши патишта. Поради тоа, производител на автомобили во понудата мора да има одредени технологии кои се соодветни за тој пазар. Освен тоа, во Бразил етанолот како гориво игра многу важна улога, нагласува автомобилскиот експерт.

Prof. Dr. Torsten Wulf
Торстен ВулфФотографија: HHL

Дека интернационален менаџмент навистина може да биде барем еден од клучевите за успех, потврдува и Торстен Вулф, експерт за стратешки и интернационален менаџмент на универзитетот во Марбург. Тој го наведува примерот на Бертелсман: „Тие во Кина се релативно силни и работат многу со раководни лица кои се Кинези.“

Интернационален менаџмент носи важна предност и за раководните структури во Германија. „Луѓето кои имаат поинакво потекло поинаку пристапуваат кон работите и различно постапуваат по одредени прашања на раководење. Затоа многу концерни користат ваква можност.“

Нема заеднички тренд

Ако се погледнат раководните структури на 30-те ДАКС-концерни (ДАКС е најважниот индекс на акции во Германија и го отсликува развојот на 30-те најголеми претпријатија на Франкфуртската берза на хартии од вредност, н.з.), ќе се види дека интернационализацијата на највисоките шефовски места е многу различна. Според една студија на консултантската фирма Симон-Кухер и Партнери од 2012 година, Дајмлер, но и други глобални концерни како Луфтханза, Комерцбанк или Мерк, се раководени исклучиво од Германци. Наспроти тоа, најмногу странци во менаџерските фотелји, 86 проценти, има во Френсениус Медикал Кер, а потоа следуваат Линде и САП со по 60%.

Infografik Ausländer auf Vorstandsebene
Странци во раководните структури на 30-те ДАКС-претпријатија од 2000 година до денес

Просечно, странците сочинуваат речиси 30% од сите раководства на ДАКС-претпријатија. Тоа значи дека станале двојно повеќе во споредба со 2000 година, но веќе три години на тој план се бележи стагнација. Јан Меркел, консултант во Симон-Кухер и Партнери, вели дека за тоа има две причини. Прво, се‘ уште владее конзервативна персонална политика, а второ - се‘ уште има опасности од јазични бариери: „Иако во раководството секој зборува англиски, кој е менаџерски јазик, комуникацијата со вработените сепак е отежната ако не се познава мајчиниот јазик“, вели Меркел.