1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германија итно ѝ требаат негуватели од странство

Кристоф Хаселбах
6 февруари 2018

Во Германија, според прогнозите, ќе недостигаат стотици илјади негуватели на стари лица. Потребата од персонал засилено се покрива од странство.

https://p.dw.com/p/2sB1k
Pflege
Фотографија: Imago/Westend61

Околу 3,3 милиони луѓе во Германија имаат потреба од нега, велат бројките од Сојузното министерство за здравство. А бројот се зголемува, зашто општеството брзо старее.  До 2030. година од нега ќе бидат зависни преку четири милиони луѓе.  Меѓутоа, уште сега нема доволно негуватели. Според наводите на Агенцијата за вработување, во март лани имало 3.000 невработени негуватели наспроти 14.600 слободни работни места. Овој дефицит, ако нешто не се промени, дополнително ќе расте. Германската фондација за заштита на пациентите смета дека во следните осум години ќе недостигаат 200.000 негуватели, а до 2030. година недостигот би можел да порасне на половина милион.

За оваа професија се одлучуваат премал број млади луѓе, а и оние кои ќе ја изберат, по неколку години дигаат раце од неа. Работните услови се тешки, признава Ојген Бриш од оваа фондација. „Многумина негуватели ѝ вртат грб на оваа работа зашто стигнуваат до своите физички и психички граници.“

Улога играат и лошите плати. Податоците со кои располага Институтот за истражување на пазарот на труд велат дека негувател за полно работно време заработува во просек 2.620 евра месечно бруто, што е за 16 проценти помалку од просечната плата во земјата. Уште полоша е состојбата кај негувателите кои немаат поминато стручна тригодишна обука. Тие заработуваат во просек 1.870 евра бруто, од што треба потоа да платат данок и придонеси, кои се движат меѓу 35 и 40 проценти. 

Pflege
Германското општество старее и има потреба од зголемен број негувателиФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Увозот не е доволен?

Корнелија Нинце, експерт за истражување на квалитетот на живот, за радио Дојчландфунк вели дека во Германија постои  „Pflexit" , сложенка од германскиот збор „pflege" (нега) и англискиот збор „exit  (излез), а се однесува на „заминувањето на обучените негуватели во странство, каде платата е подобра. Во прв ред негувателите одат во Австрија и во Швајцарија, но и во скандинавските земји.“

Старските домови и болниците во Германија од тие причини реагираат на недостигот од персонал на тој начин што бараат нова работна сила од земјите во кои платите се многу помали одошто во Германија и каде владее голема невработеност. Источна Европа, Балкан, но и Филипини се главен извор на работна сила.

Повеќе на темата: 

Шанса да се живее во Германија како негувател

Практични совети за работа во Германија

Мислењата за странските негуватели се разликуваат. Гернот Кифер, член на Управниот одбор на Здружението на задолжителни здравствени осигурувања предупреди порано за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“: „Секој кој мисли дека проблемот со недоволен број негуватели во Германија може да се реши со увоз на работна сила, е наивен.“  

Со темата се занимава и политиката. Претседателот на Социјалдемократската партија, Мартин Шулц за време на изборната кампања се заложи за отстранување на бирократските пречки за вработување странски работници. Без негуватели од Источна Европа, системот за нега на стари лица во Германија одамна би се распаднал, изјави тогаш Шулц. Тој темата ја стави во политички контекст, изјавувајќи дека зависноста од странски негуватели би требало да ја имаат во предвид и оние партии кои подбуцнуваат против странците.

Chinesisches Pflegepersonal in Magdeburger Altenheim
Важен услов за работа во негувателската бранша е и јазикотФотографија: picture-alliance/dpa/J. Wolf

Јазикот како пречка

Во преговорите за идна коалиција на Унијата и СПД, се планира отворање на 8.000 нови работни места во негувателската бранша. Тоа е премалку, ако се има во предвид постоењето на дури 13.500 установи кои вработуваат негуватели. 

Но, и кај тие 8.000 работни места, политичарите не создаваат илузии дека со тоа проблемот ќе се реши. Пратеникот од баварската ЦСУ Георг Нислајн вели: „И ние знаеме дека ќе биде тешко да се најдат луѓе за тие 8.000 работни места.“ Но, големата коалиција сака да се потруди, додава тој, на пример „така што негувателите ќе добијат подобра плата, а ќе се намали работниот стрес и ќе се скратат смените.“

Без дополнителни негуватели од странство, веројатно нема да биде можно ни на долги патеки. Проблем притоа е непознавањето на јазикот, а комуникацијата е посебно важна токму во работата со стари лица, често дементни и осамени луѓе. Освен тоа, странските дипломи во Германија не се признаваат секогаш или не се достаточни за вработување.