На атентаторите од 11 септември им се заканува смртна казна
5 април 2012Најголемиот судски процес за тероризам по нападите од 11 септември 2001 година ќе се одвива во воениот суд во контроверзниоот затвор Гвантанамо, на Куба. Така сака американското министерство за одбрана. Обвинението на осомничениот организатор на нападите Калид Шеих Мохамед и четворица други обвинети, меѓу кои и Рамзи Биналшиб од Хамбург, ќе им биде прочитано уште во текот на наредните 30 дена. Пентагон ги обвинува дека се одговорни за планирање и реализација на нападите од 2001 година. Меѓу другото, тие ќе одговараат поради терористички активности, киднапирање авиони, заговор и убиство.
Се заканува смртна казна
Во случај да бидат прогласени за виновни на обвинетите им се заканува смртна казна. Одлуката на американското министерство за одбрана за судски процес во Гвантанамо е поздравено од страна на Белата куќа. Портпаролот на претседателот, Џеј Карни, изјави:
„Претседателот сака оние што се одговорни за нападите од 11 септември да одговараат.“
Планираниот судски процес е веќе трет обид. Првиот процес, кој исто така се одвиваше во Гвантанамо, беше прекинат поради тоа што американскиот претседател Барак Обама сакаше да го затвори затворот Гванатанамо. Вториот процес требаше да се одвива во Њујорк, но поради огромните протести не можеше ниту да почне.
Критика од борците за човекови права
Одлуката на американското министерство за одбрана предизвика критика. Директорот на организацијата за човекови права АЦЛУ, Антони Ромеро, предупреди дека во случај обвинетите да бидат прогласени за виновни, поради фактот дека процесот се одвивал во Гвантанамо, тој секогаш ќе биде оценуван како нефер.
Термин за почеток на процесот се‘ уште не е определен. Според наводи на експерти дотогаш може да минат месеци.