1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Албанија ѝ е потребен компромис

Вилма Филај-Балвора
14 мај 2019

Молотови коктели, солзавец, водени топови... Протестите во Албанија станаа насилни, а тоа најмалку ѝ треба на земјата. Единствено решение се дијалог и компромис, смета Вилма Филај-Балвора.

https://p.dw.com/p/3ISUt
Albanien Proteste BdTD
Фотографија: Reuters

Албанија е повторно на насловните страници. Во понеделникот, но и викендот, сцените од Тирана потсетуваа на 90-те години. Опозицијата уште од февруари го одржува својот протестен ритуал, но сега демонстрациите против владејачките Социјалисти и премиерот Еди Рама ескалираат.

Демонстрантите се обидоа да влезат во седиштето на премиерот, летаа Молотови коктели, полицијата употреби солзавец и водени топови. Билансот се десетина повредени на двете страни и огромна материјална штета.

„Сакаме Албанија како Европа“, гласи мотото на повеќемесечните протести. Претседателот на најголемата опозициска партија Љуљзим Баша е охрабрен од големиот број луѓе на улиците и најавува нови собири.

Од парламентарните избори во 2017. опозицијата непопустливо бара оставка на Владата која ја обвинува за непотизам, криминал и нетранспарентност.

Корупцијата е традиционално најважна политичка тема во Албанија. Иако земјата во меѓувреме спроведе реформа на правосудството која се смета за пример за целиот регион, Албанија и натаму важи за најкорумпирана држава во Европа. Албанците својата држава ја доживуваат како клиентелистички систем на кој не треба да му се верува.

Filaj-Ballvora Vilma Kommentarbild App
Вилма Филај-Балвора

Политичката клима од промените во 1992 година, практично постојано е одбележана со жестоки судири на власта и опозицијата. По секое гласање следат обвинувања за изборни манипулации. Но, ниту една политичка дебата не се води со аргументи, туку само на ниво на лична нетрпеливост.

Водечките политичари на големите партии не можат и не сакаат да говорат со јазикот на разумот и помирувањето, напротив. Судирот е беспоштеден, а другата страна е секогаш виновна за сѐ. Дијалогот или компромисот како лајтмотиви на политиката немаат место во албанската приказна. Тука сите се закопани во своите ровови, иако знаат дека политичката криза ја отежнува интеграцијата во ЕУ.

Единствен излез од кризата е вистински демократски дијалог како темел за неопходните реформи. Консолидирањето на правната држава и воспоставување на слобода на печатот се само два од важните проблеми на кои постојано укажува ЕУ и кои Албанија се обврза да ги реши.

На земјата сега не ѝ требаат насилни демонстрации или продлабочување на јазот во кој оди општеството. Секое одложување може да има тешки последици - минатата година Албанија го пропушти терминот за планираното отворање на пристапните преговори со ЕУ. Ќе биде погубно доколку преговорите се одложат и оваа година.