1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најџел Еванс уапсен поради сомневања за силување и вознемирување на момчиња

Александар Методијев/афп/миа5 мај 2013

Најџел Еванс, потпретседателот на Долниот дом на британскиот Парламент, според медиумските извештаи, вчера е уапсен под сомнение за силување на едно и сексуално вознемирување на друго момче.

https://p.dw.com/p/18STC
Фотографија: Reuters/Nigel Roddis

Членот на Конзервативната партија на премиерот Дејвид Камерон бил распрашуван за обвинувањата за напад врз двете момчиња на околу 20 годишна возраст. Полицијата изјави дека „е уапсен 55-годишен маж поради сомневање за силување и сексуално вознемирување“. Подоцна портпаролката на полицијата изјави дека осомничениот е пуштен со кауција да се брани од слобода до 19 јуни.

Полицијата засега не покрена официјално обвинение против Еванс, но соопшти дека тој треба да се јави на дополнително сослушување на 19 јуни. Полицијата информираше дека наводните напади се случиле во селото Пенделтон, каде живее Еванс, во периодот меѓу јули 2009 и март 2013 година. За апсењето веднаш бил информиран и британскиот премиер Камерон.

Еванс откри дека е хомосексуалец во 2010 година, осум години по изборот на функцијата пратеник, велејќи дека е „уморен од живеењето во лага“. Тогаш тој изјави дека политичките конкуренти му се заканувале дека ќе ја откријат неговата тајна. Неговите колеги-конзервативци од парламентот се шокирани поради неговото апсење, бидејќи Еванс е многу популарен пратеник. Тие сметаат дека тој „на ниту еден начин не би се однесувал насилно кон друга личност“.