Најубавите градови во светот
Американскиот туристички магазин Condé Nast Traveler по 28-пат спроведе анкета: кој е најубавиот град во светот? Гласаа 128.000 читатели. Резултатот: осум од десет градови се наоѓаат во Европа.
Десетто место: Лондон (Велика Британија)
Во однос на бројот на посетители, Лондон ги става во сенка сите други градови. Секоја година во градот на Темза доаѓаат над 17 милиони туристи. Ги привлекуваат прекрасните музеи и театри, сјајот на монархијата, модерната архитектура и прочуените трговски центри.
Деветто место: Кјото (Јапонија)
Поранешниот царски град Кјото важи за историско срце на Јапонија и нуди обилство палати, светилишта, манастири и традиционални јапонски градини. Сето тоа од Кјото прави топ-туристичка цел.
Осмо место: Бриж (Белгија)
Го нарекуваат скапоцен камен од средниот век: улици со калдрма, тесно споени куќи од цигли, цркви во готски стил и бројни водни канали кои змиулесто се извиткуваат низ градот: Бриж е целосно романтичен.
Седмо место: Прага (Чешка)
Прашкиот замок е стар над илјада години и е една од најголемите тврдини во светот. Во подножјето на оваа знаменитост, воочлива од многу далеку, се наоѓа сплет од сокаци во стариот центар на градот, во кои посетителите можат да зануркаат во атмосфера на средновековниот свет
Шесто место: Рим (Италија)
„Вечниот град“ е стар околу три илјади години и гордо го претставува наследството од оваа долга историја: Колосеумот, Фонтаната ди Треви, Шпанските скали, Базиликата Свети Петар. А сепак, градот е се‘ друго освен музеј, тој врие од живот.
Петто место: Париз (Франција)
Париз е град на љубовта, на културата, на музеите и на францускиот стил на живот. Лувр, Центарот Помпиду, Ајфеловата кула, Елисејските полиња, црквата Нотр - Дам, дворецот Версај - во Париз има знаменитости до бескрај.
Четврто место: Сиднеј (Австралија)
Природата го разгалила вториот по големина град во Австралија со фантастичната местоположба на широкото природно пристаниште и километри долгите бели песочни плажи директно пред куќните врати. Кон тоа се надоврзува впечатливата архитектура - препознатлив знак на Сиднеј.
Трето место: Будимпешта (Унгарија)
Речиси сите најважни знаменитости се наредени на брегот на реката Дунав: познатиот универзитет, кралскиот дворец или зградата на парламентот. Поради убавината, Будимпешта често се нарекува „Кралицата на Дунав“.
Второ место: Виена (Австрија)
Црквата Свети Стефан, Хофбург, Виенскиот парк, историските познати кафулиња, сето тоа го создава шармот на австрискиот главен град. Овде човек може се‘уште да го доживее сјајот и раскошот на старите царски времиња.
Прво место: Фиренца (Италија)
Најубавиот град во светот е Италијанка: Фиренца, престолнината на Тоскана. Неодминливо е богатството од музеи, палати, споменици. Во Фиренца е колевката на Ренесансата: Микеланџело, Леонардо да Винчи и многумина други уметници овде оставиле свои траги.