1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најскапиот трансфер во историјата на Бундеслигата

БГ/дпа17 август 2012

Шпанскиот репрезентативец Хави Мартинез наскоро се очекува да стави потпис на договорот со гигантот Бајерн Минхен, со што ќе стане најскап играч во историјата на Бундеслигата.

https://p.dw.com/p/15rcc
Фотографија: Getty Images

Претседателот на Бајерн Минхен, Ули Хенес потврди дека Управниот одбор на германскиот клуб дал одобрение за трансферот на Мартинез, досегашен фудбалер на Атлетик Билбао.

„Управниот одбор даде зелено светло за доведувањето на Мартинез и во следните денови ќе знаеме повеќе за тоа. Тренерот и спортскиот директор се уверени дека тој ќе биде решение за нашите проблеми. Сега ни преостанува само да го решиме прашањето за финансирањето на трансферот и ќе ми биде мило ако се’ се заврши како што треба“, рече Хенес.

Се очекува Баварците да платат 40 милиони евра за Шпанецот, колку што изнесува клаузулата во неговиот договор. За Мартинез долго време беше заинтересирана и Барселона, но каталонскиот гигант одби да ја плати бараната сума, меѓудругото и затоа што, согласно шпанските закони, ќе требаше да плати и 7 милиони евра данок за трансферот.

Според шпекулациите во спортските медиуми, Мартинез се откажал од два милиони евра од својата годишна плата за да дојде во Минхен.

Најскапиот играч во Бундеслигата досега беше напаѓачот на Бајерн Минхен и на германската репрезентација, Марио Гомез за чии услуги баварците на Штутгарт му исплатија 30 милиони евра.