1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмалку 40 приведени во акцијата „Метастаза“

19 април 2010

Македонското министерство за внатрешни работи уапси поголема група лекари и лица осомничени за злоупотреба на положбата при издавање на решенија за инвалидски пензии.

https://p.dw.com/p/N0Hk
МВР, СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Најмалку 40-тина лекари од клиниките во Скопје и неколку болници во внатрешноста на Македонија и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од утринава се приведени од страна на полицијата. Уапсените се осомничени дека ја злоупотребиле својата функција и дека примале мито при издавање на инвалидски пензии. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски за Дојче веле потврди дека во акцијата која се изведува под името „Метастаза“ утрината се приведени 40 лица, меѓу нив 17 лекари, кои се на распит пред истражен судија.

Откриени најмалку 50 злоупотреби

Котевски објаснува дека покрај лекарите, останатите приведени се заради помагање, посредување и собирање документација за сите заинтересирани кои сакале да добијат инвалидска пензија. Се вршел претрес на канцеларии, домови и други објекти во кои работеле приведените лица.

Досегашната истрага открила злоупотреби во најмалку 50-тина случаи, но според Котевски бројката на случаи веројатно ќе биде многу поголема. Од МВР велат дека истрагата е во тек и најавуваат подетални информации во текот на утрешниот ден (20.04.10).

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска