1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголеми демонстрации по падот на Мубарак

Петер Штефе / Е.М.Фиданоска28 ноември 2012

Стотици илјади луѓе во Египет протестираа против проширувањето на овластувањата на претседателот Мохамед Мурси. Во Александрија и Махала имаше големи безредија и повеќе повредени. Во Каиро еднa жртва

https://p.dw.com/p/16qww
Фотографија: Getty Images

На протестите во Александрија против проширувањето на овластувањата на претседателот дојде до судири меѓу приврзаниците и противниците на Мохамед Мурси. Имаше тепачки, се фрлаше со камења и молотови коктели, а бројот на повредени е голем.

Во индустрискиот град Махала демонстрантите го нападнаа партиското седиште на Муслиманското братство. Исламистите се обидоа да ја заштитат зградата со синџир од луѓе, но не успеаја да спречат судир. И во Махала летаа молотови коктели и има голем број повредени луѓе. Во Каиро пак, 52-годишен човек починал како последица на задушување од солзавец, соопшти египетското министерство за надворешни работи.

Додека на плоштадот Тахрир во Каиро повеќе од 300.000 луѓе протестираа против новите овластувања на претседателот, членовите на Клубот на судии се заканија со штрајк. Судијата Мохамед Самир изјави: „Ако претседателот се држи до Уставната изјава, ние ќе стапиме во штрајк.“ Претседателот на Клубот на судиите, Ахмед ел Зинд, упати итен апел до Мурси: „Господине Претседателе, не е срамота да го повлечете она што го наредивте. Напротив, тоа ќе ви донесе почит. Нашата земја е во пламен, само вие можете да го изгаснете тој пламен. Народот, првпат во египетската историја, е поделен. Таа поделеност може да биде почеток на нешто, што господ знае каде води. Господине Претседателе, декретите се неважечки.“

Proteste in Kairo Ägypten
Фотографија: Reuters

На настаните во Египет во странство веќе со денови се гледа со голема загриженост. За да се спречи натамошна ескалација дипломатите работат забрзано. Така е и во Белата куќа, каде портпаролот Џеј Карни изјави дека контактот со сите важни претставници на Египет е непрекинат. Тој побара да се почне дијалог. Меѓутоа, засега нема знаци дека внатрешнополитичката криза во Египет би можела да се смири. Двете спротивставени страни, исламистите и опозицијата, и натаму се на курс на конфронтација.