1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Национален пакт“ против десниот екстремизам?

23 мај 2006

Во Германија се води жива дебата во врска со опасностите од нараснатиот десен екстремизам

https://p.dw.com/p/Ac6O
Фотографија: picture-alliance / ZB

Непознати лица ноќеска го нападнале Интеркултурниот центар против десен екстремизам во Берлин – Хелерсдорф: искршиле прозорец и во внатрешноста уфрлиле молотов коктел, а на ѕидовите нацртале кукести крстови, соопшти полицијата. Огнот е брзо изгаснат.

Овој најнов инцидент доаѓа во време на силна дебата во германското општество предизвикана од предупредувањата изнесени од поранешниот владин портпарол Уве-Карстен Хаје, дека за време на претстојното светско фудбалско првенство на гостите со темна боја на кожата дека во некои делови на земјава им се заканува опасност. Денеска во дебатата се изнесени повеќе предлози и иницијативи.

Претседателот на Комисијата за внатрешна политика на германскиот Бундестаг, социјалдемократот Себастијан Едати побара „национален пакт“ против десниот екстремизам. Десната сцена не смее да го злоупотреби светското првенство за свои цели, рече Едати за Зидвестфунк и побара да се испита можноста за забрана на најавените демострации на неонацистите во рамките на регулативата за јавни собири. Но, според него, уште поважно е сите демократи да го кренат знамето, на пример со весели навивачки прослави во рамките на светското првенство, за да не им се препушти на десноекстремните место на улиците.

Генералниот секретар на социјалдемократите Хубертус Хајл се залага за јакнење на демократите. „Да се обидеш закоравен неонацист да го увериш во спротивното е како да му зборуваш на ѕид. Тоа не помага многу. Важно е да ги јакнеме демократите и за тоа има добри проекти. Ме радува што сојузната влада во целосен обем ги продолжува од нас започнатите проекти“.

Матијас Плацек, премиер на покраината Бранденбург, која се најде во фокусот на оваа дебата, смета дека сузбивањето на овој проблем нема да оди брзо. „Мораме да прифатиме дека е ова проблем што не може да биде решен во еден ден или во една година“.

Екс-портпаролот Уве-Карстен Хаје за неделникот „Ди Цајт“ вели дека со иницијативата „Да се покаже образ! Акција за Германија отворена кон светот“, чиј основач е, сака во иднина засилено да се ангажира во основните училишта и во забавиштата и се залага уште порано отколку досега да се почнува со работа на просветување на младите. „Неонацистите не се родени такви“, вели Хаје. Тој истовремено размислува и за дополнителни акции за возрасни и за родители. „Мораме да ги затвориме ’просторите на страв‘ создадени од неонацистите со постојаното заплашување. Во Германија не смее да има простори во кои не смее да се оди. Мора да престане цели села, градски квартови или селски појаси да страхуваат од неонацистите“ – вели Хаје.

Генералниот секретар на Централниот совет на Евреите во Германија Штефан Крамер им префрли на делови на политиката дека потфрлиле во врска со десничарското насилство и оти проблемот го сведуваат на кампања за имиџот. Првото со што „се истакнаа политичарите по нападот во Берлин (врз политичар на Левичарската партија од турско потекло) беше прашањето на имиџот на Германија“ – вели Крамер.

Католичката мировна организација „Пакс Кристи“ смета дека федерацијата треба да ги подржи покраините и општините, оти тие не можат самите да ја реализираат долгорочната конкретна работа против десниот екстремизам на лице место. Стравовите на луѓето не смеат да се минимизираат, туку мора да бидат сериозно примени, бара „Пакс Кристи“.

Во вчера објавениот извештај на Службата за заштита на уставот се констатира дека во минатата година нагло е зголемен бројот на десноекстремистички мотивирани кривични дека во Германија. Регистрирани се 15 361 деликт, 27 проценти повеќе отколку во годината пред тоа. „Значителен потенцијал на опасност доаѓа од лица од десноекстремистичката сцена, кои поседуваат оружје, муниција и експлозив во значителен обем. Покрај тоа, во скинхедс-сцената има групи со висока готовност за насилство“ – констатира сојузниот министер за внатрешни работи Вофганг Шојбле. Тој порача: „Нема да толерираме никаква форма на екстремизам, ксенофобичност и антисемитизам“.

Во меѓувреме имаше и префрлувања дека полицијата не постапува доволно енергично против неонацистите, Детлеф Рифенштал од синдикатот на полицијата на ова возвраќа: „Тоа што злонамерно ни се подметнува дека сме слепи на десното око, не им одговара на фактите... Ние си ја вршиме работата, на викендите не навредуваат и плукаат. Ние правиме многу против десничарите“.